| четврток, 6 декември 2018 |

Општина Аеродром нема да финансира бадникови огнови, а Центар ќе ги пренамени средствата

Општина Аеродром нема да финансира бадникови огнови поради загадувањето, информираат од Општината.

„Аеродром  ги почитува празничните традиции, но како одговорна институција должност ни е да апелираме до граѓаните да го имаат предвид загадувањето на воздухот со кое се соочуваме во зимскиот период. Токму затоа, оваа година не издвојуваме средства од буџетот за финансирање бадникови огнови“, велат од Општина Аеродром.

Оттаму апелираат доколку граѓаните палат огнови, да не користат нееколошки огреви и огновите да не ги оставаат да горат по завршувањето на собирите.

И Општина Центар испрати соопштение дека нема да издвојува средства за бадникови огнови и наместо тоа, парите ќе ги насочи кон ново зеленило и за социјалните случаи.

Општина Центар оваа година нема да поддржува големи палења на бадникарски огнови речиси во секое маало преку донации на дрва по месните заедници, соопштуваат од општината.

„Општината со ова ќе придонесе за намалување на проблемот со загадувањето на воздухот и животната средина. Градоначалникот Саша Богдановиќ ги почитува традицијата и верските празнувања, но многу поважно за Центарци е да нема дополнително загадување на воздухот со горењето рва. Средствата кои изминатиот период беа наменети за бадникарски огнови, оваа година ќе бидат пренаменети за поставување ново зеленило и за социјалните случаи и програми“, велат од Општина Центар.

Апелираат до граѓаните да се воздржат од палење  големи огнови за да дишеме сите почист и поквалитетен воздух.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top