Многу работи се неизвесни за годината која е пред нас, но она што е извесно е дека од самиот старт на 2018 година ќе не заплисне бран поскапувања, кои во голема мерка ќе го истенчат буџетот на секое семејство. Водата, нафтените деривати, парното, струјата ќе бидат иницијална каписла за поскапување на сите останати прозводи, како што е храната, средствата за хигиена и се она што може да се најде на рафтовите во секој маркет. Очигледно владата им испорачува на граѓаните новогодишна честитка која никој нема да може да ја заобиколи!
Почетокот на годината е резервиран за нова повисока цена на нафтените деривати, дизелот и бензините, поради зголемената акциза за 3 денари на нафтата, што заедно со ДДВ би значело дека ќе плаќаме 3,54 денари повеќе за литар. Поскапиот транспорт, како што е и економската логика со себе ќе повлече поскапување на сите прозводи, бидејќи цената на превозот трговците ја вкалкулируваат во крајната цена на секој прозвод. Тоа значи поскапување на потрошувачката кошница за сите, а најтешко тоа ќе го поднесат најсиромашните кои и сега едвај крпат крај со крај, па тешко ќе можат да купат и леб и млеко. Нешто друго, како месото, за нив ќе биде чист лускуз.
Вториот удар врз секое домаќинство ќе го зададе поскапувањето на водата во некои региони, односно новата давачка за собирање, прочистување и одведување на отпадните води, како во Скопје, каде водата би требало да поевтини, но висината на сметките ќе остане иста, бидејќи на секое семејство му се накалемува нова давачка, која ќе ги држи сметките на сегашно ниво. Во другите делови од земјава, Пробиштип, Струмица, Радовиш, Куманово, Битола, Прилеп, Ресен, Велес, Неготино, Струга, Кичево, Охрид, Брвеница и Желино водостопанските препријатија треба да ги зголемат цените на водата, препорача Регулаторната комисија.
Скопјани ќе добијат уште една новогодишна „честитка“ а тоа е поскапување на парното и тоа за околу 30 проценти.Ова доаѓа од потребата за ставање калориметри кои автоматски ќе ја кренат цената на парното греење.
Неизвесно е дали новиот закон за енергетика создава услови за поскапување и на струјата. Но со либерализација на пазарот, извесно е дека ќе има поскапување и на струјата. И додека владата ги залажува граѓаните со воведување на евтината струја, зад грб им подготвува удар со поскапа струја. Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев неодамна уверуваше дека струјата нема да поскапи, но под услов да остане сегашната цена на светските пазари. А кој може да гарантира дека оваа цена нема да оди нагоре?
Новите општински власти како борба против загадувањето најавија и зголемување на цената на паркинг услугите.
Се на се, укажувањата се дека 2018 година ќе биде скапа и тешка за сите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.