| четврток, 6 декември 2018 |

Од каде потекнува оружјето на Исламската држава?

Исламската држава во 2014 година окупира големи делови од Ирак, запленувајќи големо количество оружје од распаднатата ирачка војска. Дел од опремата е од американско производство, а џихадистите од ИД беа главна медиумска вест откако во пропагандните видеа прикажаа запленети американски тенкови „М4“ и автоматски пушки „М16“. Покрај тоа, на снимките беа прикажани и џипови „хамер“, со кои џихадистите извршуваа самоубиствени бомбашки напади.

Во 2015 година, ирачкиот премиер изјави дека ИД успеала да заплени неверојатни 2.300 „хамери“ при преземањето на контролата врз Мосул.

Сепак, и покрај очигледното запленето западно оружје по успешните походи во Ирак, дури 90 отсто од сето оружје и муниција во рацете на џихадистите е со калибар според стандардите на бившиот Варшавски пакт, по потекло претежно од Кина, Русија и од Источна Европа.

Организацијата „Конфликт армамент рисрч“ во периодот 2014-2017 спровела опсежна анализа на над 40.000 парчиња оружје од ИД. Неавторизираниот трансфер на оружје, кое првично беше наменето за силите на сириската опозиција, исто така стана главен извор на оружје за џихадистите од ИД, а особено противтенковските системи. Според анализата, дури 43,5 отсто од вкупното регистрирано оружје на ИД во Сирија и во Ирак е произведено во Кина, додека, пак, руското оружје фигурира само со 9,6 проценти. И покрај тоа, во Сирија има значително повеќе руско од кинеско оружје, благодарение на испораките на Москва за силите лојални на сирискиот претседател Башар ал Асад. Истовремено, иако џихадистите од ИД парадираа со запленетата западна воена опрема, американското оружје сочинува само 1,8 отсто од вкупното документирано оружје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top