| четврток, 6 декември 2018 |

Македонци измамени за работа во Германија: Платиле и до 1 000 евра за посредување, таму не ги пречекал никој

Дваесетина македонски граѓани последниве неколку недели се измамени од огласи за работа во ЕУ, поголемиот дел од нив за во Германија. Тие заминале во дестинациите каде што им била ветена работа, но таму никој не ги пречекал, па морале сами да се снаоѓаат за сместување и враќање назад, пишува порталот Expres.mk.

Според информациите од македонски граѓани кои што излажани од огласите пристигнале во Берлин, дел од измамените предходно уплатиле паричини средства за посредување при наоѓање работо место.

Огласите најпрвин се објавуваат на македонски сајтови за рекламирање и продажба, за потоа контактот да оди преку бугарски граѓани кои што ја „организирале“ работата.

На лажно избраните за работа во фирми во Германија им се земале пари и за транспорт до Германија, а им се ветувало вработување во фирми како Кауфланд.

Голем дел од измамените не се двоумеле да платат и по 1 000 евра за посредување при работа затоа што понудените плати биле примамливи, дури до 1 850 евра бруто од која според ветувањата се одбивало само по 200 евра за данок иако во Германија данокот е над 40 % од платата.

За лагата да биде поголема на измамените им се ветувале и бесплатни станови за кои не морало да се плаќа ни за струја и вода, а на сето тоа им се ветувале и слободни викенди и тоа во фабрики за производство на хартија и други објекти каде што процесот на производство не запира воопшто.

На дел од измамените им било речено дека за работа во Германија не им треба бугарски, туку само македонски пасош. И покрај очигледните лажни ветувања, голем број македонски граѓани ги упатиле последните пари и тргнале во Германија каде што доживеале разочарување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top