| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов за името: Не сум оптимист, ни песимист, туку реалист со искуство

Заемно прифатливото решение за името мора да го почитува нашиот национален идентитет. Не може да се лицитира со идентитетот на граѓаните и уставното име на државата, порача претседателот Иванов, говорејќи за прашањето околу разликата со нашиот јужен сосед.

Смета дека притоа, е неопходно стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите:

– Повелбата на ОН, резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата. Надминувањето на ова прашање, додаде, суштински ќе влијае на стабилноста и просперитетот на целиот регион, но оти во тој процес треба да се биде претпазлив.

– Поради моето осумгодишно искуство, јас не сум ниту оптимист, ниту песимист, туку реалист со искуство. Реалноста е дека решението за прашањето на името стана заложник на бирократијата на НАТО и ЕУ. Затоа, решение за разликата околу името со Грција може да се бара само во рамките на Обединетите нации, каде сме рамноправни, рече во годишното обраќање пред македонското Собрание претседателот Иванов.

Потенцира дека притоа треба да се почитува меѓународното право и меѓународно-преземените обврски. Тој ја поздрави и конструктивноста во мерките за градење доверба меѓу Република Македонија и Грција и повика на натамошно проширување со нови содржини.

Потенцира дека се потребни и мерки за градење доверба меѓу земјите во целиот регион и оти една од најдобрите мерки е изградбата на Балканскиот канал Дунав-Морава-Вардар.

– Овој канал засекогаш ќе го промени нашиот регион и ќе го подобри животниот стандард на граѓаните. Јас стојам зад оваа идеја, и веќе имам разговарано со српскиот претседател и грчкиот премиер. Затоа, ја повикувам Владата најитно да формира експертски тим кој веднаш ќе започне да работи со српските и грчките власти за реализација на овој проект, истакна Иванов во своето годишно обраќање пред пратениците во македонското Собрание.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top