Македонскиот писател Божин Павловски е добитник на меѓународната награда „Арка“ за романот „Америка, Америка“, кој годинава излезе од печат во издание на истоимената издавачка куќа од Смедерово, во превод на Љиљана Стеиќ.
Во образложението на меѓународното жири, предводено од академик Елка Његолова, се истакнува дека Божин Павловски е еден од најистакнатите македонски писатели – автор на 19 високо вреднувани романи од критиката и наградувани со национални и меѓународни признанија.
– Романот „Америка, Америка“ е најамбициозен негов книжевен проект. Во ова дело на маестрален начин е опфатен крајот на дваесетиот век и падот на комунизмот, како и времето на рушењето на Берлинскиот ѕид и распаѓањето на Југословенската федерација. Дејствието се одвива во Америка,во ресторанот „Нова Европа“ во градот Детроит кој е сврталиште на емигрантите од комунистичките земји. Тоа се политички аутсајдери, кои живеат со своите заблуди и чии животни судбини завршуваат трагично, стои во соопштението.
Наградата „Арка“ е востановена во 2003 година, а досегашни добитници се истакнати балкански и европски писатели, меѓу кои Гане Тодоровски, Миодраг Павловиќ, Петре М. Андреевски, Љубомир Левчев, Томаж Шаламун, Влада Урошевиќ, Љубомир Симовиќ,…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.