| четврток, 6 декември 2018 |

Тортевски: Јовески не е избран за републички јавен обвинител

Изборот на Љубомир Јовески за републички јавен обвинител е спорен, тврди адвокатот Александар Тортевски. Тој реагира на начинот на кој денеска Собранието го официјализираше неговиот избор бидејќи беше изгласан од „трета мајка”.

Тортевски истакнува дека при вториот обид веќе имало кворум, но Јовески не бил избран бидејќи добил 60 гласа ЗА.

– Мислам дека јавен обвинител не е избран. Имало гласање на кое имало кворум од 61 пратеник, но за гласале 60 пратеници и тоа значи дека предложениот кандидат не бил избран. Не може да се гласа во недоглед. Процедурата треба да се повтори, смета Тортевски.

Тој додава дека штом се гласало еднаш и не добил 61 глас тука процедурата завршува.

Парламентот денеска имаше два неуспешни обиди да го изгласа Љубомир Јовески за нов јавен обвинител. Пратениците два пати гласаа, но не успеаја да обезбедат кворум, поради што претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја одложи седницата за половина час.

При првиот обид „за” гласаа 59 пратеници, а еден беше воздржан, додека при вториот гласаа вкупно 60 и сите беа „за”

Џафери објави пауза и им рече на координаторите да ги соберат пратениците, за јавниот обвинител да се избере од „трета мајка”. Третиот пат беше избран со 61 глас за и еден воздржан, а во салата беа присутни 69 пратеници.

Извор: Фокус

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top