| четврток, 6 декември 2018 |

Исус не се родил на Божик, а уште помалку во штала – сѐ што знаеме за овој празник е погрешно

Божиќ или денот на Христовото раѓање според христијанската традиција е втор најголем празник во христијанството, по Велигден.

Црквите кои го користат грегоријанскиот календар, вклучувајќи ги сите католички, протестантски и повеќето православни цркви, го прославуваат на 25 декември.

Црквите кои го користат јулијанскиот календар, вклучувајќи ја и Македонската православна црква, го прославуваат Божиќ на 7 јануари до 2100 година, а потоа ќе го прославуваат на 8 јануари до 2200, па на 9 јануари до 2300 итн.

Но, и едните и другите се убедени дека знаат сè за овој празник. Сепак, шансите за многу од работите во кои веруваат да се погрешни се големи. Еве неколку научно втемелени факти кои можат да послужат како докази во прилог на тоа.

ИСУС ВООПШТО НЕ СЕ РОДИЛ ВО ЈАНУАРИ (ДЕКЕМВРИ ПО ГРЕГОРИЈАНСКИ)

Исус веројатно воопшто не се родил во јануари (декември по грегоријанскиот календар). Библијата споменува овчари кои ги чувале стадата во полињата, што укажува на фактот дека тоа било топол период од годината. Периодот во кој се чествува Божиќ во Израел би бил ладен, полињата опустошени од студот, а овците би биле прибрани во трлата. Пастирите овците ги увале на полињата главно во пролет, пишува Listverse.

Најраните проценки за Исусовото раѓање се наоѓаат во времето на Климент од Александрија, кога се споменувале датумите 21 март, 15 април, 21 април или 20 мај. 25 декември прв пат се споменува дури во средината на четвртиот век. Популарната теорија нагаѓа дека тој датум е преземен од Римјаните, односно нивниот древен фестивал на кој го славеле раѓањето на Сонцето, а кој се случувал на крајот од декември. Сепак, многу рани христијански писатели не го споменуваат тој фестивал, а некои отворено ја исмеваат римската прослава од тој тип, па и денес има многумина кои се сомневаат во оваа теорија.

Ранохристијанскиот писател Тертулијан пресметал дека Исус е роден на 25 март, но тој датум подоцна бил земен како датум на Исусовото зачнување. Точно девет месеци од тој датум е 25 декември, па тој датум е земен како ден за неговото раѓање. Така, во суштина датумот на Исусовото раѓање е „создаден“ од раната Црква, а не од паганските обичаи. Сепак, многу научници ја отфрлаат теоријата дека Исус е роден во декември.

НЕМАЛО НИТУ ШТАЛА ИЛИ ПЕШТЕРА, НИТУ ЈАСЛИ

Приказната вели дека Марија и Јосиф стигнале во Витлеем, но за нив немало соба во градот, па морале да преспијат во штала каде што е роден Исус. Меѓутоа, шансите за тоа се мали, најмногу поради тоа што и двајцата биле од „родот на кралот Давид“, што значи дека имале многу роднини во самиот град. Во тоа време било голем срам да се одбие роднина за гостопримство (особено бремена жена), па оттука, шансите Јосиф и Марија да завршат во некоја штала се претерано мали.

Меѓутоа, многу семејства во тоа време, во своите домови имале и дел за животните, јасли, каде го сместувале своето богатство на безбедно. Често тоа била соба на главниот кат, па можно е на Марија и Јосиф, ако за нив немало место во гостинската соба, да им било понудено место во таа соба со животните, па Исус да се родил на топло и опкружен од роднини, а не во некоја валкана штала.

ТРОЈЦАТА МУДРЕЦИ СО ПОДАРОЦИТЕ СТИГНАЛЕ МНОГУ ПОДОЦНА ОТКОЛКУ ШТО СЕ ВЕРУВА

Во претставата на Исусовото раѓање секогаш можат да се видат тројца мудреци (или кралеви) кои први му донеле дарови на новороденчето. Меѓутоа, во Библијата јасно може да се прочита дека тие три лика во посета на новородениот Исус стигнале многу подоцна. „И штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија, и паднаа, па Му се поклонија“, стои во Библијата што упатува на две нешта.

Прво, Исус, Марија и Јосиф биле во куќа, а не во штала, и второ – станува збор за дете, а не за новороденче. Научниците тврдат дека тројцата мудреци го посетиле Исус околу две години после неговото раѓање.

Исто така, постои теорија која вели дека воопшто немало ниту тројца мудреци, бидејќи нивните имиња се споменуваат дури во седмиот век. Раните записи споменуваат само три дарови, па можно е Исус тие три подароци – темјанот, златото и смирната – но дека во посета му дошле многу повеќе луѓе.

ЈОСИФ И МАРИЈА ВЕРОЈАТНО БИЛЕ ВО БРАК

„Скандалозниот“ дел од приказната за Исусовото раѓање е оној за безгрешното зачнување на Марија. Во тоа време, доклку Марија останела трудна и невенчана, огромна била веројатноста да биде каменувана поради законот кој го пропишувал тоа за таквата ситуација. Оттука, да биде Марија трудна, невенчана жена во верска заедница во прв век, ќе се сложиме, е доста зезната ситуација.

Но, бидејќи шансите такво нешто да се случи на некоја жена во тоа време, односно да „добие прошка“, многу мали, научниците тврдат дека многу поголеми се шансите Марија и Јосиф да биле во некој вид на брачна заедница. Се споменува некој еврејски „венчален договор“, ketubbah, кој партнерите ги обврзувал речиси и повеќе од денешното склучување на брачна заедница, кој можел да се раскине само со развод.

А во Библијата се наведува дека ангелот кој му се јавил на Јосиф во сон, му рекол: „Јосифе, сине Давидов, не се плаши да ја земеш крај себе Марија, жената своја…“

Значи, Марија и била жена на Јосиф, така што, технички гледано, биле во брак, иако дотогаш не го „консумирале“ истиот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top