| четврток, 6 декември 2018 |

Шилегов: Не палете огнови на Бадник

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, денеска присуствуваше на традиционалното собирање на бадникови гранчиња, кое се одржа во месноста Говрлевска Краста, на јужните падини на Водно. Оваа прослава традиционално се одржува по 26-ти пат и истата е во организација на Здружението за традиционална прослава на Бадник.

На овој собир, градоначалникот ја искористи можноста да ги повика граѓаните на Скопје да се воздржат од палењето отворени огнови за време на Бадник, апел којшто беше усогласен по петочниот работен состанок со градоначалниците на сите скопски општини. Тие донесоа заедничка одлука за забрана за доделување на дрва од општините за истата намена, со цел да се спречи дополнително загадување на воздухот во град Скопје.

„Апелирам до скопјани да не се палат огнови на отворено по повод прославата на божиќните празници, со цел да ја заштитиме животната средина, а и да го заштитиме амбиенталниот воздух. Да се посветиме на иднината и да водиме сметка за здравјето на децата“, посочи Петре Шилегов.

Во друштво на скопскиот градоначалник, присуствуваа кумот за овогодинешната прослава, Влатко Огненовски – Шеф, овогодинешниот здравичар, Стефан Хаџи Николов – Штеф, минатогодишниот кум Радко Манов, како и повеќе поранешни кумови, здравичари и свештени лица од МПЦ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top