| четврток, 6 декември 2018 |

Исповедта на Ебуе ја шокираше Англија: Ми одземаа се што заработив во фудбалот, спијам на подот кај мојот пријател!

Сите оние кои барем малку ја следеа Премиер лигата во изминативе десетина години, сигурно се сеќаваат на продорниот десен бек на Арсенал Емануел Ебуе, фудбалерот од Брегот на Слоновата Коска кој сега ја шокираше комплетната јавност на Островот со исповедта која ја даде за угледниот медиум „Мирор“.

Во ексклузивно интервју за споменатиот весник, поранешниот фантастичен дефанзивец на „топчиите“ откри низ каква голгота минал во изминативе години, односно како успеал да загуби се што стекнал во фудбалот и да остане без контакт со своите три деца.

По одличната етапа во Арсенал и Премиер лигата, Ебуе играше и во Турција како играч на Галатасарај, но сега 34-годишниот бек открива дека останал без сите пари откако во разводната парница со својата сопруга загубил се поради тоа што им верувал на погрешни луѓе. Ебуе сето она што го стекнал во животот како професионален играч го загубил од својата поранешена сопруга Орелие која сега му забранила да ги гледа и неговите три деца (две девојчиња и едно машко), а во овој момент живее во заедничката куќа која ја имаат во Лондон, а за која секојдневно стравува дека ќе биде избркан од полицијата.

– Секој ден си ги перам моите фармерки, моите алишта. Моите раце се веќе цврсти, немам пари за да си купам машина, а во меѓувреме работев и на фарма. Понекогаш ги гасам светлата во куќата со цел да не привлекувам внимание и луѓето да не знаат дека сум внатре. Живеам во куќата, но многу сум исплашен. Не знам во кое време ќе дојде полицијата и ќе ме избрка. Ја купив куќата со мои пари, а сега се плашам дека ќе ми ја одземат. Понекогаш спијам и кај мојот пријател на подот во неговата куќа. Кога ќе се навратам назад, сфаќам колку сум бил наивен. Зошто не помислив дека некој може вака да ме изигра, многу ми е тешко да го прифатам ова. Парите кои ги заработував, и ги праќав на мојата жена за нашите деца. Во Турција заработив осум милиони евра, и пратив седум милиони и се што ќе ми кажеше да потпишам, потпишував. Сега тоа ми се одбива од глава и ме остави без ништо. Немам никаков контакт со децата, а тоа посебно ме боли, – трогателно открива Ебуе кој јавно побара помош и од својот поранешен клуб Арсенал, или од било кој друг играч кој сака да му помогне.

– Ќе прифатам било каква помош, но ако биде тоа од Арсенал, ќе бидам многу, многу среќен. Можеби можам да им помогнам на младите играчи. Можеби ќе ми помогне и некој од ПФА (асоцијацијата на професионални играчи во Англија), тие ми помогнаа кога имав проблем со мојот агент. Ќе прифатам било каква работа, дури и ако е мала. Најверојатно ќе бидам засрамен кога ќе ги видам моите колеги, но ќе се справам со тоа, – завршува 34-годишниот Ебуе кој јавно побара помош за ситуацијата во која се наоѓа.

Извор: Дерби

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top