| четврток, 6 декември 2018 |

Народот не очекува да види безгрешни луѓе во партиите, туку човечност, чесност и искреност

Начинот на кој успеа ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт во тие тешки времиња пред 11 години, со многу работа, многу упорност, истрајност и верба, со многу скромни финасиски средства, но со идеја и визија, со мал, релативно неафирмиран тим, со чест на исклучоците, но високо мотивиран тим, со искрен пристап кон граѓаните, објаснување и убедување во исправноста на своите политики, со грижа за својот народ и заштитнички настроена кон националните и државните интереси, со добра комуникација со претставниците на меѓународната заедница, градење пријателства и нови коалициски релации и пред се многу работа, може да е и начин на кој повторно партијата ќе се врати на власт – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на денешниот партиски конгрес кога се бира негов наследник.

Груевски смета дека народот не очекува да види безгрешни луѓе во партиите. Ниту идеални.

-Народот, гласачите пред се очекуваат да видат во поединците во раководството пред се луѓе, човек, човечност, чесен пристап, искрен и отворен човек, стабилен и сериозен, и пред се со јасна визија и волја да направи нешто за сите. Човек кој може и да згреши и да се поправи, човек кој може да има лош ден, но и човек кој знае каде оди и што планира, и тоа да е чисто, а не матно и со затскриени планови. Ако луѓето во новото раководство ова го разберат, враќњето на власт е сигурно и тоа брзо – додаде тој во говорот пред партиските делегати.

Тој додава дека за разлика од пред 15 години денес е време на социјалните мрежи и кај некои политичари тоа има многу влијание.

-Сакам да им порачам дека ќе мораат да издржат тешки напади и тешки обвинувања, многу често неправедни и да не влегуваат во конфликти, но и да не останат без одговор и објаснување. Голем дел од луѓето се водат од емоции, а фејсбук, на пример, е еден вид медиум во рацете на секој човек. Најголем дел од луѓето водени од емоциите, без доволен број информации и често без целосна анализа знаат да изградат став, често многу критичен,  дури и навредлив, да доболи, често и до коска. Утредента може нема да мислат исто, особено ако добијат дополнителна информација или подобра анализа, или самите изградат своја анализа, но во моментот може многу да боли неправдата, неоснованото обвинување, оцрнување или невистина. Треба да се издржи, да се објаснува и да не се скршнува од патот кој претходно е зацртан. Секако ако е зацртан по детално анализирање од секој агол и добропромислено. Многу политичари денес почнаа да водат политика, која јас ја нарекувам „фејбук политика“. Тоа е поведување по емоциите на масата народ, која често е недоволно информирана и гневна, и која едно збори кога е налутена и емотивна, а друго може да мисли кога трезвено ќе размисли. Затоа, потребно е внимателно градење на политиките но и да се опстои на нив пред дневните напади од разни страни. Со објаснување и информирање, а не со секојдневно менување на ставот согласно дневното расположение или наметнат тренд на фејсбук. Да не заборавиме дека денес во политиката многумина ги користат социјалните мрежи и за политички цели, и не секогаш бранот расположение е спонтано создаден. Затоа да не заборавиме на стабилноста, која е прв знак на сериозност кај еден политичар – рече Груевски.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top