Православните верници денеска го слават Варваринден или Варвинден, еден од поголемите христијански празници од зимскиот циклус, кој секогаш се паѓа на 4 декември, односно на 17 декември, по стариот календар.
Меѓу народот постои верување дека на овој ден не се оди никаде на гости, туку се седи дома. Тој прв што ќе влезе во куќата наутро се вика „полезник“. Се смета дека е добро тој да е човек со „лесен полез“, поради што поканувале луѓе што ги сметале за среќни први да дојдат наутро и да бидат полезници, бидејќи од полезникот зависело каква ќе биде годината или кој ќе те полази, таква среќа ќе ти донесе. А најдобро е мало дете да ти стапне прво дома или тој што ќе влезе да носи леб, за бериќет.
Исто така, во одделни региони од рано наутро по куќите кружат дружини од девојки, облечени со нови алишта. Тие ги благословуваат домаќините и пеат обредни песни за здравје и плодност. Момите се нарекуваат варварки, а самиот празник – женски Божик.
Во народните сфаќања Варвара се поврзува со преминот од есен во зима.
извор: exclusive.mk
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.