| четврток, 6 декември 2018 |

Kучињата се нафрлија врз мене касајќи ме по грбот

Џеварија Бајрамовска (38) од скопската населба Илинден,завчера, утрото, околу 7 часот била нападната од глутница кучиња. Веднаш по нападот повредената жена со искасаници по грбот и рацете била пренесена на Хируршките клиники во Скопје. Откако и биле санирани повреди, Бајрамовска била пуштена на домашно лекување, а агресивните кучиња и натаму се шетаат низ населбата, влевајќи им страв на мештаните.

Случајот е пријавен во полиција, која извршила увид и работи на целосното расветлување на настанот.

Вчера, бевме во домот на нападнатата Бајрамовска. Едвај стоеше на нозе. Раните ќе зараснат ама не и траумите – исплашена држејќи се за една од свежите раните, таа не пречека на влезот од нејзината куќа што се наоѓа на улицата 19, во непосредна близина на Домот за култура, во населбата.

Куќата беше преполна со роднини и пријатели кои дошле да ја посетат.
Џева, како што нагалено ја викаат во семејството, се уште како што ни објасни не може да се соземе од шокот што го доживеала тоа магливо утро.

“Сабајлето околу 7:30 часот, заедно со ќерка ми излеговме од дома за да ја испратам во училиште бидејќи кучиња има насекаде” – почна да ни раскажува жената. Кога стигнале на половина пат од училиштето малолетната ќерка и предложила да се врати дома .”Се израдував и си помислив: добро е ќерка ми се преплаши од кучињата и отсега сама ќе оди на училиште” – објаснуваше Џева.

Кога била во непосредна близина на куќата ја забележала глутницата од десетина кучиња. Со брзи чекори почнала да се движи по улицата. Но наеднаш врз неа од зад грб скокнале четири од нив. Започнала вистинска борба меѓу разулавените пци и жената.

“Додека тие ме напаѓаа, јас се обидував да најдам некоја дрвена прачка, но, не успеав. Почнав да се бранам и со шалот што го носев на вратот. Но, и со тоа не ги исплашив. Викав колку што ме држеше глас” – продолжуваше да ја опишува драмата исплашената жена.

Меѓусебната борба траела од прилика десетина минути. Глутницата успеала Бајрамовска да ја турне на земја. Острите заби на разбеснетите кучиња почнале да и ја тргаат облеката, а едното од нив и ги зарило забите во грбот. “Болката беше неиздржлива. Во тој момент забележав како едно од нив сака да ме гризне за лицето. Лиги му се слеваа од устата на моето лице. Ја покрив главата со рацете и од тој момент не знам што се случило. Ќе ме растргнеа ако не бев добро облечена”.

Кога се освестила кучињата ги немало. Отишла дома, а потоа од најблиските од семејството била префрлена во болница.

Таа вчера, по трагичниот настан од страв не ја пуштила ќерка си да оди на училиште.
Страв владееше и кај другите жители од улицата . И тие беа уплашени за безбедноста на нивните деца. “Страв ми е да одам во училиште. Кучињата доаѓаат од овде – ни изјави едно од насобраните деца на улицата покажувајќи со раката кон една широчинка наспроти неговата куќа.

Извор: Вечер прес

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top