| четврток, 6 декември 2018 |

Писмо до претседателот Трамп од група интелектуалци-патриоти

Во име на група интелектуалци посветени на заштитата на националните интереси на Република Македонија и на македонскиот народ

Дата: 11.12.2017

До:

Доналд Трамп

Претседател на САД

Бела куќа

1600 Пенсилванија Авенија

Вашингтон ДЦ, 20500

 

Ваша екселенцијо,

Ви се обраќаме како Македонци и интелектуалци, загрижени за нашата татковина, Република Македонија. Имајќи ги предвид Вашите заложби за почитување и заштита на суверенитетот на секоја нација. Би Ве замолиле за внимание кон суштествените аспекти при проблематизирањето на нашето име.

Според резолуциите на Советот на безбедност на ООН смислата на разговорите помеѓу Република Македонија и Република Грција е да се надмине разликата во однос на името на нашата држава. Разговори се одвиваат веќе две и пол децении, се надеваме, како би  се виделе аргументите за разликата. Така, на аргументите од грчка страна македонската страна би требало да даде спротивни аргументи за да се разјаснат работите.

Врвот на грчкото спротивставување на нашето име го искажа актуелниот Претседател на Грција со ставот дека и самото име на државата, Македонија, претпоставува иредентизам. Станува збор за претпоставени претензии од страна на Македонија врз територија на Грција и за преземање на културното наследство врз античка Македонија кое ѝ припаѓа.

Во исто време кога Грција го превидува Букурешкиот договор, од 1913година, кога делови од етничката територија на Македонците ѝ беа доделени, истовремено, непризнавајќи го македонското малцинство и  најдрастично  протерувајќи ги Македонците од државата. Грчката влада, во целост и бескомпромисно, ги негира, и денес, човековите права на Македонците, како национално малцинство во Грција.

Македонија во знак на добра волја направи повеќе отстапки како би покажала отсуство на иредентистички намери. Во периодот од 1992 до 1995 година го смени државното знаме кое го симболизираше Сонцето од Виргина и, исто така, изврши измена на својот Устав, со амандманот II (1992), наведувајќи дека нема територијални претензии кон соседните земји и дека Република Македонија притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Со Привремената спогодба кога Грција ја призна Република Македонија под привремената референца „поранешна југословенска Република Македонија“ и се нормализираа меѓусебните добрососедски односи, таа се обврза (во чл. 11) да не приговара за членството на Македонија во меѓународните, мултилатерални и регионални институции доколку ѝ се обраќаат поинаку од она што е наведено во Резолуцијата 817.

Македонија како суверена и независна држава сака и има право да ги реализира своите стратегиски цели. Во тој контекст, Македонија има право да биде членка на НАТО, и да отвори преговори со ЕУ, независно од нејзиното име.

И покрај договорот, Грција не ја почитува Резолуцијата 817 и целосно ја блокира интеграцијата во овие меѓународни сојузи.

Пресудата на Хашкиот суд го отфрли грчкиот став за нашиот иредентизам по две основи. Имено, потврдувајќи го нашето право на самоидентификација, правото на национална посебност и правото на создавање на свест за себеси преку сопствената историја, ги отфрли како аргументи за иредентизам и претензи врз грчка територија. Надминувајќи ги дилемите околу овие спорни прашања иако Грција сеуште опстојува на нив. Имено, Хашката пресуда ја направи расправата непотребна.

Но, разговорите со Грција со медијација на г-нот Метју Нимиц за да се надмине разликата околу нашето име, продолжуваат.

И иако, наводно, се говори само за надминување на разликата во однос на името на нашата држава се бара промена на нашето уставно име. Според изјавите што ги даваат грчките политичари, во овој момент, се бара промена на нашето уставно име и се проблематизираат и сите прашања од нашиот идентитет: изведените придавки, името на јазикот , акронимите, називите за индустриските и агрикултурните производи. Се посегнува по нашиот идентитет, граден, со векови, како народно творештво,  јазик, култура и историја. А во нашето име е изразен нашиот идентитет, создаван, со векови, во Македонија, како етничка територија, Македонија.

Со промената на името на државата се менува и именувањето на јазикот и другите, поврзани со името на државата, називи. Се оневозможува нашата идна национална идентификација.

Оправдувањето за ваквите барања на кои Република Грција трајно опстојува се бара во божемните иредентистички настојувања на Република Македонија. Претседателот Павлопулос прашањето за иредентизмот крајно го изостри со изјавата дека и самото име, Македонија, на државата означува иредентизам. Надвор од тоа што Република Македонија нема ни еден инцидент со покажани иредентистички намери.

Ваквите моменти ги прават разговорите за името апсурдни. Дотолку повеќе што во светот се афирмирани принципите на сувереност на државите и патриотизмот како конструктивен политички приод. Во Декларацијата на ООН, која секоја членка при својот прием во Организацијата ја прифаќа, се определени аспектите на сувереноста на нациите, од каде произлегува и нашето право како Македонци на самопотврда.

Оттаму застануваме во поддршка на нашето име, нашето национално наследство, на македонскиот јазик и идентитет. Истакнатите аргументи укажуваат дека нашето име не може и не прави да биде спорно во ниеден аспект во однос на Грција, така што разговорите стануваат беспредметни и е потребно да се напуштат.

Ви благодариме за вашето внимание и се надеваме на позитивен одговор.

Со почит,

проф. д-р Јованка Кепеска

Ненад Мирчевски, новинар, ТВ АЛФА

Цветин Чилиманов, новинар, МИА

Сотир Костов, колумнист/публицист

проф. д-р Тања Каракамишева Јовановска

Ацо Станковски, сликар

проф. д-р Иванка Василевска

Борис Дамовски, продуцент/директор

проф. д-р Марија Емилија Кукубајска

Ефтим Клетников, поет

Љупчо Цветановски, новинар ТВ АЛФА

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top