| четврток, 6 декември 2018 |

Први во светот: Скопје урива рекорди со загадениот воздух

Скопје руши рекорди со загадениот воздух, ситуацијата е алармантна, а нивото на штетни ПМ10 честички е многу високо. Главниот град е прв на листата на најзагаден во светот.

Градовите во Индија, Бангладеш, Пакистан, Индија, Монголија, Кина…на листата се далеку зад главниот град на Република Македонија. Македонската метропола се најде на врвот на листата според загаденоста на воздухот пред градови како Делхи и Калкута во Индија, Лахор во Пакистан, Улан Батор во Монголија, Ченгду и Пекинг во Кина.

Скопјани утрово ги разбуди магла „зачинета“ со специфичен мирис на платистика. Апликацијата „Мој воздух“ забележа присуство на 383 ПМ 10 честички на кубен метар во населбата Карпош, 316 во Центар, 291 во населбата Лисиче, 261 во Гази Баба и дури 395 ПМ 10 честички на кубен метар во реонот Ректорат.

За разлика од скопјани кои денеска дишат најзагаден воздух во светот, најчист воздух дишат жителите на Брисел, Лисабон, Будимпешта, Прага и Загреб.

Рангирањето на градовите во светот според загаденоста на воздухот може да се следи преку апликацијата „Квалитет на воздухот“ (Air Quality), која ги прикажува податоците од загадувањето во реално време. Загаденоста се мери преку единствен индекс, кој го сочинуваат вредностите на штетните ПМ 10 честички, јаглерод моноксид, натриум диоксид, сулфур диоксид и озон. Во Скопје утрово овој индекс изнесуваше 191, што е највисок споредено со сите други градови во светот. За споредба, градовите со најчист воздух денеска имаат индекс 10.

Оваа зима во Скопје ќе потрае до бесконечност имајќи ја предвид „ажурноста“ и заинтересираноста на локалната и централната власт за спроведување на мерки против загадувањето. Скопјани секојдневно ќе се трујат и ќе се молат да задува ветер или да заврне дожд за да подишат чист воздух.

Но градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов наместо конкретни мерки кои ќе го решат овој проблем, побара од граѓаните и медиумите да не прават ријалити шоу од оваа тема. Од град Скопје велат дека работат на системско решавање на проблемот и дека не можеме да очекуваме спектакуларни резултати на краток рок.

Градоначалникот на Скопје вчера најави дека денес ќе информира какви мерки ќе преземе за намалување на загадувањето. Секако, дури и да информира денеска, стратегијата за подобрување на амбиенталниот воздух ќе почне да се реализира следната зима.

Во меѓувреме, Шилегов е задоволен затворањето на печката на Дрисла, но очигледно ништо не се промени иако печката не работи.

– Во соработка со Министерството за животна средина на дневна основа ќе ги објавуваме една по една мерките. Треба да разбереме сите постапката за ослободување од тоа бреме што го имаме не е постапка со филмска брзина ниту пак е реалити шоу настан. Треба сите ние да се ослободиме од секојдневните навики. Јас сум одговорен пред се за сите што живеат во загадените населби. Да го решаваме тој проблем. Да не даваме риалити шоу прашања. Самото затварање на акцелераторот е мерка. Во периодот кој претстои во зависност од тоа каква е загаденоста дневно ќе бидете известувани за мерките кои ќе се преземаат.

Во период кога загадувањето во главниот град е десет пати над дозволеното, а скопјани и преку ден и навечер дишат загаден воздух родители на децата од уличиштата најавуваат бојкот на наставата на 20 декември.
Под мотото „Свесно и совесно ја бојкотирам наставата на моето дете“, група родители од Скопје на социјалните мрежи најавуваат дека идната среда, , нема да ги носат децата на училиште. Со хаштаг #Не се дише#бараме итно решавање на проблемот, на „Фејсбук“ почна да се шири иницијативата што ја презеде и групата „Скопје бара чист воздух“.
Целта е да им го привлечат вниманието на надлежните за да го решат проблемот со енормното загадување во главниот град.

Граѓаните дишат на жабри, повикуваат на бојкот, Шилегов останува глув

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top