| четврток, 6 декември 2018 |

Арапската лига го повика Вашингтон да ја анулира одлуката за Ерусалим

Министрите за надворешни работи од Арапската лига ги повикаа САД да се откажат од својата одлука да го признаат Ерусалим како главен град на Израел.

„Одлуката, објавена од претседателот Доналд Трамп, е опасно кршење на меѓународното право, нема правна тежина и е невалидна“,  наведе Арапската лига во завршната декларација, усвоена по вонредната министерска средба во Каиро, на која беа претставени сите земји членки.

„Одлуката ги лишува САД од улогата на спонзор и посредник во блискоисточниот мировен процес, ги поткопува напорите за постигнување мир, ги продлабочува тензиите и ќе разгори гнев, кој се заканува да го втурне регионот на работ на пропаст од насилство, хаос и крвопролевање“, оценија министрите во 3,00 часот изутринава, по повеќечасовниот состанок.

Министрите од Арапската лига, исто така, ја повикаа меѓународната заедница да ја признае палестинска држава со престолнина Источен Ерусалим и побараа резолуција на Советот за безбедност, со која ќе се прогласи дека одлуката на Трамп го крши меѓународното право и нема правна сила.

Тие предложија лидерите на арапските земји да се сретнат на вонреден самит, што ќе го организира Јордан, ротирачкиот претседател на Арапската лига.

Министрите соопштија дека повторно ќе се состанат за еден месец за да ја проценат ситуацијата и да се договорат за новите чекори.

Арапски дипломати изјавија неофицијално дека некои земји членки сакале текстот да вклучува казнени мерки против секоја земја која го следи примерот на САД и ќе го признае Ерусалим за израелска престолнина, но умерените арапски земји го оцениле тоа како премногу радикално.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top