| четврток, 6 декември 2018 |

Протести во Скопје и во Валандово против изградбата на рудниците Казандол, Иловица и Боров Дол

Пред Владата денеска со почеток во 12 часот ќе се одржи протест за итно запирање на изградбата на рудникот Казандол.

„Иако живееме во Скопје, негативните последици од рудниците ќе ги чувствуваме и ние. Рудниците се проблем на целата земја! Екстрактивизмот не е живот, тој го уништува животот! Да покажеме солидарност со нашите сограѓани, да покажеме став против, да побараме итно стопирање на изградбата на рудникот! Да се собереме пред Влада на РМ да го покажеме нашиот протест и директно да го доставиме барањето за мораториум на сограѓаните од Југоистокот!“, се вели во повикот за протестот објавен Фејсбук страницата „Плоштад Слобода“.

Во исто време ќе се одржи протест и во Валандово. Маршот ќе започне во 12 часот со собир на сите граѓани на булеварот Првомајска пред автобуската станица во Валандово каде во 12:30 часот ќе бидат одржани граѓански говори.

Маршот ќе почне да се движи кон крајната цел: регионалната крстосница Валандово – Пирава – Марвинци (Страиште) во 13 часот.

На протестот освен стопирање на Казандол, ќе се побара стопирање и на рудниците Иловица и Боров Дол

„Во склоп на овој масовен собир на граѓаните од Југоистокот, во 15 часот ќе започне ‘Конференција на Граѓаните Против Рудниците на Смртта’ каде ќе може да слушнеме слични искуства од стопирање рудници од пријатели од Романија, како и од пријатели од соседна Грција и Бугарија. Исто така, ќе имаме простор за дискусија на тема ‘Што од овие искуства ние како граѓани на Југоистокот на Македонија можеме да искористиме во нашата борба против рудниците на смртта?”. Конференцијата ќе се одржи во Валандово“, велат од здружението „Спас за Валандово“.

Оваа реакција на граѓаните доаѓа по неколку месеци молк од владата која што во екот на кампањата за локалните избори вети дека рудниците нема да се градат, а досега не е преземен ниту еден чекор за нивно запирање.

Активистите од Валандово веќе некое време на социјалната мрежа „Фејсбук“ објавуваат фотографии од забрзаната изградба на рудникот Казандол. Тие велат дека се чувствуваат разочарано и предадено затоа што Владата се уште не направила ништо за да запре изградбата на овој рудник.

Активистите од Валандово пред еден месец објавија фотографии на кои се гледа фолијата којашто наводно треба да спречи продор на отровите и тешките метали во почвата и водата. Раководството на рудникот „Казандол“ ова го најавуваше помпезно и како голема гаранција дека жителите нема потреба да стравуваат дека нивното здравје и природата ќе бидат засегнати. На фотографиите се гледа дека фолијата има големи дупки и засекотини и не оддава впечаток на безбеден метод за заштита од продорот на отровите во почвата и водата.

Концесионер на рудникот за бакар и бакарни производи во Казандол е компанијата Сардич МЦ.

Пред две недели и градоначалникот на Валандово Перо Костадинов предупреди и ја повика Владата да ја преиспита концесијата што и е доделена на компанијата „Сардич“.

Костадинов на прес-конференција кажа дека постојат неправилности околу одржувањето на јавната расправа, но и дека во општината постојат паралелни документи, едни – со позитивно мислење кои градоначалникот ги испраќал до надлежните министерства и втори со различен став направени за да им се покажуваат на жителите на Валандово.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top