| четврток, 6 декември 2018 |

Поранешниот шеф на Шумахер со емотивна порака

Седумкратниот Ф1 шампион Михаел Шумахер, кој тешко ја повреди главата на скијање во Франција во 2013 година, примен е во Куќата на славните на Светската автомобилистичка федерација.

Ова претставуваше само уште почест за можеби најголемиот Ф1 возач на сите времиња.

Меѓутоа како што е познато, 48 годишниот Шумахер не можеше да биде во Париз.

Седумкратниот Ф1 првак е во тешка здравствена состојба уште од декември 2013 година, кога на скијање удри во камен, поради што 6 месеци беше во индуцирана кома.

Неговиот поранешен шеф во Ферари, Жан Тод имаше емотивен говор, но даде и надеж за излекување на Михаел.

-Уште е со нас и се бори. Но, ми недостасува навистина многу, истакна Тод.

Со луѓето кои беа во Париз, сподели две за него најдраги работи додека двајцата биле во Ферари.

-Првата е кога во 2000 година ја освоивме првата титула, а втората ја покажува неговата големина и како човек и како спортист. Знам дека на прва топка Шуми изгледа арогантно, но тој е впрочем многу срамежлив човек. Само што заврши 2000 година ме праша дали можел да направи неколку тест кругови во Фиорана, да се увери дека и понатаму знае да вози. Секогаш се сомневаше во себе, бил одличен или не, кажа Тод.

Во Париз дојде и менаџерката на Михаел, Сабине Кем. Сопругата Корина, е во Америка, додека синот Мик исто така имал некои обврски.

-Сите знаеме дека Шуми требаше да биде овде, сигурна сум дека тоа би го сакала. Она поради што беше така посебен и успешен е љубовта кон спортот, кон Формула 1, кажа Сабине.

Во каква здравствена состојба е тој знае многу мал број на луѓе, но никакви информации не излегуваат во јавноста.

Се нагаѓа дека Шумахер реагира на одредени работи, но се останало е голема тајна. Но, може да се каже дека за жал молчењето може да кажува и не толку добри работи.

Тој се лекува во својата куќа во Швајцарија каде е изграден мал клинички центар. За него секојдневно се грижат 15-тина врвни доктори, а трошоците се поголеми од 100.000 евра неделно.

Семејството за неговото лекување веќе го продаде приватниот авион, како и три милиони евра вредната вила во Норвешка.

За среќа, Михаел во својата кариера заработи близу една милијарда евра, па семејството ќе има како да ги покрие енормните трошоци

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top