| четврток, 6 декември 2018 |

Коѕијас со јасна порака до Заев: Без промена на името нема влез во ЕУ

Мора да се најде компромис за прашањето за името за да се отвори патот на Македонија кон ЕУ и другите организации во кои сака да се приклучи, вели грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас во интервју за весникот „Етнос“.

– Во случајот со ПЈРМ, нашите соседи веруваа дека можат да продолжат со приклучување кон овие организации без договор со нас, нешто што е невозможно, додека некои од нас, пак, веруваа дека инертноста во надворешната политика е наше оружје – наведува Коѕијас.

Нагласува дека и Атина и Скопје сега сфатиле дека треба да работат врз основа на консензус и компромис.

– На сите наши соговорници сега им е јасно дека мора да се најде чесен компромис за прашањето за името со нашиот северен сосед. Вистина е, исто така, дека некои од ЕУ во минатото создаваа илузии дека патот кон членство во Унијата и во други организации може да биде отворен без компромис, наведува Коѕијас, прашан дали е сега моментумот за решавање на спорот за името со Скопје.

Коѕијас: Името ќе го решиме во 2018, во спротивно ќе има „големи компликации“

Грчкиот министер за надворешни работи, пред точно еден месец, за грчкиот весник „Катимерини” изјави дека Владата има намера да го реши спорот со името со Македонија.

Тој вели дека националната рана, која е отворена пред 26 години, треба да биде излекувана до 2018 година, пишуваше „Катимерини“.

-Верувам дека прашањето треба да биде решено до првата половина на 2018 година, изјави Коѕиас.

Според него, во спротивно ќе има „големи компликации“. Тој додаде дека по неговото решавање ќе останат „три-четири месеци бирократија во ОН “. Според министерот, ова прашање треба да се реши до крајот на 2018 година, бидејќи изборите ќе се одржат во следната 2019 година и тоа во Македонија и во Грција.

-Нема да биде добра година за справување со прашања од слична природа, бидејќи ние ќе сме среде изборни кампањи, а такви проблеми треба да се решаваат во релаксирана атмосфера, изјави тошаг Коѕиас.

Заев се согласил за ново име: Република Нова Македонија или Северна Македонија

Владата на СДСМ и премиерот Зоран Заев се согласиле на ново име за нашата држава, пишуваа неодамна медиумите. Пред една недела, во изјава за австрискиот весник „Курир“ солунскиот градоначалник Јанис Бутарис тврди дека за македонскиот премиер, Република Нова Македонија или Северна Македонија е прифатлив компромис за името.

-Новиот премиер Зоран Заев нема националистички идеи како неговиот претходник Никола Груевски, кој беше страшна несреќа за земјата. Заев сака компромис околу именувањето: Република Нова Македонија или Северна Македонија. Грција никогаш нема да прифати Република Македонија, вели Бутарис, кој неодамна го посети Скопје и се сретна со целиот државен врв, вклучувајќи го и премиерот Заев.

Покрај тоа што станува јасно дека со овој договор се откажуваме од терминот Македонија, во изјава за австрискиот весник, Бутарис потврдува дека ова ќе значи и менување на идентитетот на државата, како што вели тој со новото име Македонија би можела „да си најде нов идентитет за себе и за својот народ“.

Во наредниот период треба на преговарачите за името на Република Македонија, Адамантиос Василакис од грчка страна и Васко Наумоски од македонска да им биде претставен нов предлог од страна на Метју Нимиц.

Грчките медиуми веќе го анализираа сегашниот „напредок“ на односите меѓу Атина и Грција како пресвртница во затворањето на проблемот со името.

„По победата на Зоран Заев, Грција покажува „добра волја“ и ова се толкува како можност за наоѓање решение во Њујорк по секоја цена, бидејќи она што е важно е – курсот на ФИРОМ … кон Евроатлантската унија“.

Потврда дека наскоро ќе дојде до промена на името даде и премиерот на државата Зоран Заев, тој ова го потврди на средбата со солунскиот градоначалник, Јанис Бутарис.

– Терен за конечно решавање на името се подготвува уште од првиот момент откако беше формирана Владата, но уште нема никави детали. Досега сме на она што значи позитивни услови и расположение од сите страни – одговори премиерот на прашањето дали се создава атмосфера за решавање на спорот во 2018 година. – рече премиерот Зоран Заев по средбата со градоначалникот на Солун.

Посветеност на новата влада на Поранешната Југословенска Република Македонија (ПЈРМ) во врска со интерконекцијата на системите за природен гас на Грција и на ПЈРМ изрази Митко Андреевски, советник за енергија на премиерот на ПЈРМ, Зоран Заев, на состанокот со претседателот и извршен директор на ДЕСФА, Сотирис Ника, кој се одржа завчера во Скопје.

Поради овие проекти кои вклучуваат „многу пари“, се сака да се стави крај на прашањето за името, притискајќи ги Атина и Скопје да најдат заедничко решение.

Инаку, дека 2018-та година е златен прозорец на можности за решавање на спорот со Грција, смета и вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи. Во изјава за ТВ 21, тој изјави дека наредната година мора да се дојде до решение на тридеценискиот спор кој ја кочи Македонија на евроинтегративниот пат. 2019-та е веќе доцна, смета Османи бидејќи тоа е година на избори, во Европа, Грција но и Македонија.

-Засновајќи се на претходно искуство никој не може да гарантира дека решение ќе има, меѓутоа ние сме оптимисти и работиме да има решение. Сметаме дека околностите се такви односот кон сериозноста на проблемот на двете држави е таков, да има предуслови да се реши ова прашање. Го чекаме предлогот на господинот Нимиц, за да можеме суштински да разговараме и да најдеме решение. Мое лично убедување е дека мораме да ја искористиме 2018-та инаку влегуваме во маѓепсан круг на латентно рециклирање на кризите кои ги имаме во последните 25 години, изјави неодамна Османи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top