| четврток, 6 декември 2018 |

Дац повторно за актерите: Нека се солидаризираат денеска, да излезат надвор и да направат нешто

Ќе има санкции против актерите кои што ја откажаа вчерашната претстава „Ничија земја“, затоа што театарот постои за публиката, а вчера вративме полна сала, изјави директорот на Македонскиот народен театар Драган Спасов Дац.

– На мое инсистирање да се игра претставата не ме послушаа и ја одложија. Се собравме и разговаравме. Они дадоа изјава и таа ќе биде и јавна. Реков дека сите до еден ќе бидат санкционирани со казна, што е нормална за вакви работи, изјави Дац.

Во ред е да се солидаризираш со некој актер, продолжи тој, но нека се солидаризираат денеска, да излезат надвор и да направат нешто, а не да вратат 600 луѓе публика.

Актерската екипа на театарската претстава „Ничија земја“ ја откажа вчерашната претстава во знак на солидарност со нивниот колега Владо Јовановски, кому Кривичниот суд вчера попладне му одреди 30-дневен притвор за настаните во Собранието од 27 април.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски, рече дека бојкотот на претставата покажува само колку македонската држава е се уште заробена од претходниот систем и колку партизацијата е длабоко навлезена во инстутуциите.

– За нас е нормално и прифатливо да се солидаризираат, но ги повикуваме сите вработени во културата добро да размислат со кого се солидаризираат и за какви акти, изјави Алаѓозовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top