| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија поплавена, граѓаните бараат ажурност од централната и локалните власти

Поради излевање вода на коловозот отежнато се одвива сообраќајот на патот Маврово – Галичник, 100 метри пред Царева Чешма. Поставена е соодветна сигнализација и се препорачува тој пат да не се користи до санирање и нормализирање на сообраќајот, информира Автомотосојузот на Македонија (АМСМ) во вечерниот извештај за состојбата на патиштата.

Се уште на терен се екипи за санирање на поплавата на подвозникот кај клучката Матка во близина на бензинската станица „Бис Оил“. Во поплавувањето настанато од дождот и дефект на водоводна мрежа на ЈП „Водовод и канализација“, заглавени биле четири возила, а луѓето од нив извлечени од Бригата за противпожарна заштита.

Утрово поплавен беше кејот на Вардар во центарот на Скопје. Скејт паркот и детското игралиште беа под вода, откако реката Вардар поради обилните врнежи се излеа од своето корито. Нивото на водостојот е алармантен – уште 40-тина сантиметри фалат до целосно излевање на Вардар. Обилните дождови кои непрекинато паѓаат во изминатите два дена ги преполнија реките ширум земјава. Од ЦУК информираат дека врнежите дожд и снег ги полнат речните корита и суводолите, особено во деловите околу Бистра, Шар Планина, Стогово, Кораб, Јабланица и Баба. Од УХМР пак велат дека очекуваат брз пораст на нивото во реките Треска, Радика, Сатеска, Кичевска, како и горниот тек на реката Вардар. Оттаму предупредуваат – поинтензивни врнежи ќе има за време на викендот.

Граѓаните бараат поголема ажурност како од централната, така и локалните власти. Бараат да се реагира пред да биде доцна.Градските власти детектирале три критични точки. Опасност од нови излевања има во Лисиче, Аеродром и Центар.

По социјалните мрежи паника – граѓани постираат фотографии на кои се гледа како дел од скопската обиколница на излез кон Тетово е поплавена. Возилата до половина под вода, а сообраќајот во колапс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top