| четврток, 6 декември 2018 |

По средбата кај Иванов ќе се гради консензус за национален дијалог

Премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и на ДУИ Али Ахмети синоќа имале средба кај претседателот Ѓорге Иванов, соопшти доцна синоќа неговиот Кабинет.

Според соопштението на сајтот на Претседателот, средбата во Вила Водно се реализира како резултат на претходно започнатите разговори.  На 28 ноември, вечерта по приведувањето на 36 осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок за организираниот напад на Собранието на 27 април, меѓу кои и 6 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, на средба кај претседателот беа премиерот Заев и Груевски.

За синоќешната средба соопштено е дека „беа разменети мислења за актуелните случувања во Република Македонија и се разговараше за решенија за излез од моменталната состојба на тензичност во државата, а која што предизвикува загриженост кај граѓаните“.

„Соговорниците се согласија дека е неопходно сите чинители во општеството да се насочат кон градење консензус за национален дијалог, во функција на помирување и нормализирање на политичките процеси, како основа за продолжување на реформските приоритети на Република Македонија. За прашањата кои предизвикаа интерес на оваа средба, разговорите ќе продолжат и во иднина“, се вели во соопштението од Кабинетот на Претседателот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top