Кривичниот суд определи притвор од 30 дена за уште двајца обвинети за упадот во Собранието на 27 април.
„Во текот на вчерашниот ден пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, беа спроведени две лица опфатени со предлогот на ОЈО за организиран криминал и корупција за определување мерка притвор, а поврзано со настаните од 27 април во Собранието, за кои по произнесување на спроведените лица во однос на предлогот на обвинителството, судија на претходна постапка донесе решение со кое го прифати предлогот и на М.М и С.М. им определи мерка притвор во траење од 30 дена“, соопшти Судот.
Завчера во кривичниот суд беа спроведени 24 лица. На 13 од нив им беше определен затворски притвор.
М.Ч., О.П., И.Д., М.П., О.Р., Г.А., В.Т., Д.Л., И.Ц., Б.И., Ј.Ч., И.С., и В.М. судијата на претходна постапка го прифати предлогот и им определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека на С.М., Г.Ѓ., М.П., Е.Д.Б., Б.Д., В.Ј, им определи мерка куќен притвор“, соопшти вчера Судот.
Меѓу обвинетите има и пратеници, на кои Собранието денеска им го одзеде имунитетот.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со настаните од 27 април во Собранието.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.