| четврток, 6 декември 2018 |

Владата го усвои Предлог-законот за амнестија: Слобода за 670 осуденици, намалена казна за 3.097 лица

Владата го разгледа и усвои Предлог-законот за амнестија и го задолжи Министерството за правда да го преработи текстот на Предлог-законот за амнестија, како текст на предлог-закон кој се носи во редовна постапка и да предвиди одредба со која ќе биде дефиниран датумот, дека истиот се однесува за кривични дела предвидени со одредбите од овој предлог-закон сторени до 20.9.2017 година.

„Владата ја истакна потребата од организирање на јавна расправа и отворена дебата на оваа тема и го задолжи Министерството за правда истите да ги организира по текстот на одредбите од предлог-законот, и пред владата да достави нов пречистен и усогласен текст на Предлог-законот за амнестија, откако ќе измине периодот на консултации и откако ќе завршат јавните расправи и отворени дебати“, пишува во извештајот од денешната седница.

Предлог-законот за амнестија ќе се носи по редовна постапка, а рокот за амнестија ќе се однесува за кривични дела сторени до 20 септември годинава. Предлог-текстот вчера беше усвоен на владина седница.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска појасни дека датумот е произлезен од јавната расправа и укажувањата на експертите.

– Не се предвидува амнестија за лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело „убиство“ од член 123. Не е предвидена амнестија за кривични дела против избори и гласање, за кривични дела против половата слобода и половиот морал, за кривични дела против државата, за кривични дела против јавниот ред, како и за кривични дела против човечноста и меѓународното право, изјави Бошњаковски.

Статистиките покажуваат дека со овој закон би биле ослободени приближно 670 правосилно осудени лица на казна затвор на шест месеци, додека на 3.097 лица ќе им биде намалена казната за 30 проценти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top