| четврток, 6 декември 2018 |

АлбПортали: Се бара ослободување на осудените од случајот „Диво Насеље“

Организациите произлезени од воената формација ОНА и семејствата на загинатите и уапсените во случајот „Диво Насеље“ денеска протестираа против пресудата за Кумановската група и бараа безусловно ослободување.

Мухамет Биљали во име на воените здруженија рече дека владите на Косово и Албанија досега не виделе потреба да расветлат што се се случувало во Куманово.

-Не знам која власт во светот во време на мир дава такви казни. Затоа сме на овој протест, да покажеме дека ние сме им поддршка на борците за слобода. Дојдовме да покажеме дека големиот пат на обединување е отворен. Овие борци беа убиени во Куманово без никакви факти, без какви било терористички докази, како што ги нарекуваат. Тие биле и се дел од војната за слобода на албанскиот народ, рече тој.

Од движењето „Обединета Албанија“ пред насобраните граѓани во Приштина се обрати Фрашер Рачај, кој рече дека вистинските напори на групата од Куманово ја имаат вредноста на слободата, а не на криминалот.

Македонија го злоупотреби Охридскиот договор. Како последица на нереализирањето на овој договор, Албанците се дискриминирани. Ние сме со вас и во вашата одбрана. Ја повикуваме македонската влада да ги ослободи осудените од случајот Куманово, рече тој.

Рачај ја повика косовската влада да реагира на осудата на кумановската група.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top