| четврток, 6 декември 2018 |

Марадона ги тужи ќерките и бара една од нив да оди во затвор

Аргентинецот Диего Армандо Марадона ги обвини своите две ќерки Далма и Џијана за кражба на 3,4 милиони фунти и побарал едната од нив да се казни со затвор, пренесоа шпанските медиуми. Тој ја обвини и сопругата Клаудија Вилафане дека е вмешана во наводната кражба, со тврдење дека дел од парите оставиле во Уругвај.

Поранешниот фудбалер на италијански Наполи изјавил дека неговото семејство дел од парите ставило на сметка во банка во Уругвај, додека еден дел од неговите пари ги искористиле за купување имот во САД.

Адвокатот на Марадона тврди дека Џијана (28) во август неколку часови поминала во Уругвај, каде што поседува банкарска сметка, од која „нејзиното дете зема пари и ги префрлува на друга сметка“, пренесува шпанскиот спортски магазин „Марка“.

– Доколку парите се таму каде што мислиме дека се, тогаш не постои друга опција освен Џијана да се уапси – рекол адвокатот на славниот фудбалер.

Џијана на изјавите на адвокатот на нејзиниот татко одговорила со изјави дека „знаат каде живее и дека можат да дојдат кога и да посакаат“.

Во текот на кариерата, контроверзниот фудбалер, кој извесно време беше зависник од кокаин, играше и за Бока јуниорс и за Барселона, а со репрезентацијата на Аргентина го освои Светското првенство во фудбал во 1986 година.

Марадона се смета за еден од најдобрите фудбалери во историјата на овој спорт, со кој престана да се занимава во 1997 година.

На фудбалскиот терен беше еден од најдобрите на сите времиња, но далеку од стадионот влече потези што тешко некому би му се допаднале…

Аргентинскиот фудбалер и фудбалски тренер Марадона повеќепати се најде во центарот на скандалите за кои пишуваше цел свет: користеше кокаин, протестираше поради посетата на американскиот претседател Џорџ Буш во Аргентина, повеќепати јавно зборуваше за своите политички ставови, а минатата година беше обвинет дека физички ја нападнал својата свршеница.

Марадона пред неколку години пак се најде на насловните страници ширум светските медиуми, откако нападна новинар во Буенос Аирес. При излегувањето од Аргентинскиот национален театар, медиумите ги „вперија“ микрофоните кон фудбалската легенда и побараа негово мислење за новиот театар, но сѐ ќе минеше во најдобар ред доколку Марадона не забележеше како еден од новинарите ѝ намигнува на неговата сопруга која седеше покрај него, а овој, познат по неговиот темперамент, излезе од автомобилот и јасно му стави до знаење на новинарот кој е кој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top