Фолклорната група „Копачка“ од Делчево со заедничка веселба и интеракција со граѓаните на Делчево на отворно во центарот на градот ја одбележа тригодишнината од впишувањето на орото „Копачка“ на репрезентативната листа на УНЕСКО како нематеријално светско културно наследство.
Перса Стојановска, секретар на ФГ „Копачка“, по тој повод истакна дека заедничката веселба со граѓаните на Делчево е во знак на поддршка на локалната заедница за одржливоста на орото „Копачка“ во УНЕСКО, кое преку дефиле и заедничка интеракција со граѓаните ќе се презентира орото „Копачката“ и заедно ќе се игра на отворено.
– Горди сме што сме ние носители на ова големо признание. Изминатава година настапивме на многу меѓународни фестивали во земјава и во странство. Имавме убави турнеи во Србија, Словенија, Бугарија, Словачка, Унгарија. Очекуваме да продолжиме со убавата соработка и со Општината и со Владата преку Министерството за култура, рече Стојановска.
Таа додаде дека „Копачката“ живее нов живот псоледниве три години, а секојдневно има голем интерес и од помлади членови да се вклучат во групата со што се испишува иднината на групата и на орото.
Димитар Узунски, кој од 1960 година е раководител на групата која постои од 1948 година, вели дека чекорите на „Копачката“ се уникатни во светот и се наеговиот живот.
– „Копачката“ е мојот живот уште од првото запознавање со неа во 1960, па еве до денеска, ние со нашите чекори ентузијазам испишавме историја. Оваа година одбележуваме и 100 години од раѓањето на најголемиот ороводец во Македонија и на „Копачката“, дедо Митко, кој даде голем придонес за афирмација на орото и е еден од ретките ороводци кој 60 години беше ороводец на Копачка, а последен пат ја зигра на неговата 93-годишна возраст. Од тие играорци се учат младите, истакна Узунски.
Според претстедателот на Советот на Општна Делчево, Драган Маневски, Општина Делчево ќе даде голема поддршка на ФГ во сите нивни активности.
– Сите јубилеи се важни, но кога се прославува јубилеј од издигнувањето на делчевското нематеријално наследство на пиедесталот на светот, тогаш чувствуваме гордост, но и обврска да се вложиме без калкулации да ги продолжиме чекорите на нашата „Копачка“. Во оваа прилика, сакам да изразам голема благодарност до членовите на ФГ „Копачка“, посебно за нашиот Димитар Узунски кој ја одржа групата и играорците и пожртвувано ја водеше низ времето. Останува нашата обврска како локална власт да дадеме максимална поддршка ФГ „Копачка“ да продолжи да дејствува и активно да работи и да ја раскажува приказната на „Копачката“ низ светот, рече Маневски.
Дефилето низ градот и презентацијата на орото „Копачка“ беше проследено од бројна публика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.