Најважната вест месецов за државната руска телевизија „Росија 1“ стигна од Берлин: руски средношколец поттикна вистински меѓународен скандал со говор пред германскиот Бундестаг.
16-годишниот Николај Дезјатниченко, гимнацијалец од Нови Уренгој во Сибир, видно имаше трема во неделата кога требаше да зборува на комеморацијата по повод Денот на жалост во германскиот Бундестаг. Пред него во првиот ред седеа германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и многу членови на владата.
Тројца ученици од Германија и тројца од Русија го претставија заедничкиот проект на партнерските училишта од Касел и од Нови Уренгој за судбините на воените заробеници во нивните татковини.
Дезјатниченко зборуваше околу две и пол минути и тоа за војникот Вермахт кој бил заробен кај Сталинград и потоа починал во еден логор. Судбината на германскиот војник и работата на проектот го трогнале, рече средношколецот и додаде дека посетил и едни германски воени гробишта и дека во таа прилика бил многу тажен.
„Ги видов гробовите на невини луѓе кои ги изгубиле животите, од кои многумина сакале да живеат мирно, а не да водат војна.“
Сѐ почна од социјалните мрежи
Оваа реченица во Русија предизвика лавина огорченост откако еден Русин кој живее во Германија објави снимка од говорот на Николај на социјалните мрежи.
Случајот за кратко време доби политичка и правна димензија и многу корисници на социјалните мрежи се изјаснија по ова прашање.
Пратеничка во еден локален парламент побара од Јавното обвинителство да провери дали станува збор за релативизирање на нацистичките злосторства. Градската управа на Нови Уренгој од своја страна најави дека ќе ја провери работата во гимназијата каде учи Николај.
Мајката на средношколецот преку руските медиуми објави писмо со објаснување во кое вели дека нејзиниот син поради немање доволно време морал да го скрати говорот, дека првично сакал да зборува за дедо му кој е воен ветеран и дека неговата главна порака била мир за целиот свет. Гимназијата застана зад својот ученик и соопшти дека се работи за „недоразбирање во комуникација“ бидејќи оригиналниот говор на Николај бил скратен.
Поддршка од Кремљ
Сѐ погласни станаа повиците да се испитаат спонзорите на германско-рускиот проект.
„Кои се тие великодушни приватни лица?“, праша на телевизија Владимир Жирновски, пратеник во руската Дума и лидер на десничарската ЛДПР.
Дополнителна „пикантерија“ е фактот дека Нови Уренгој неофицијално важи за „гасна престолнина“ на Русија, а спонзор на локалната гимназија е енергетскиот гигант „Газпром“. Од германската страна е компанијата „Винтерхал“ од Касел што е партнер на „Газпром“.
Кога имаше опасност дебатата на оваа тема да излезе од контрола, Кремљ зазеде став:
„Сметаме дека е погрешно да се обвинува Дезјатниченко за лоши намери или дури за нацистичка пропаганда“, рече Дмитриј Песков, портпарол на претседателот Владимир Путин.
Тој додаде дека целиот случај не е вреден за реакција од Кремљ, но дека „хушкањето“ станало чудно.
Влијание врз колективната меморија
Ако сакате да ја разберете позадината на ваквите реакции не може да го заобиколите притоа развојот на настаните во Русија. Војната на СССР против странските агресори, во кои се вбројува и нацистичка Германија, во денешна Русија е дел од државотворната култура на сеќавање. Во училиштата таа стана централен дел на патриотското воспитување.
„Темата на војната, историското сеќавање на војната, онака како што официјално се претставува, е многу важно во Путиновата Русија“, вели московскиот радионовинар и блогер Александер Пљушчев.
Имајќи ја оваа ситуација во позадина, сочувствувањето на Николај со германскиот војник за многу Руси делуваше како „туѓо тело“.
Шефот на пратеничкиот клуб на левичарската партија Праведна Русија, Сергеј Миронов, вака го формулираше тоа:
„Загрижен сум што на генерацијата што расте сега ѝ се наметнува псевдохуманизам така што незабележително се бришат границите меѓу доброто и злото, меѓу сторителите и жртвите.“
Миронов додаде дека би сакал да им постави неколку прашања на родителите, наставниците и на оние кои „приредиле шоу пред пратениците во Бундестагот“, како што тој го нарече германско-рускиот проект за сеќавање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст