Високиот комесар на ОН за човекови права Зеид Раад ал-Хусеин денеска оцени дека пресудата за доживотна казна затвор за поранешниот командант на силите на босанските Сри, Ратко Младиќ, изречена од страна на Хашкиот суд под обвиненијата за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, претставува „важна победа на правдата“.
– Младиќ е отелотворение на злото, а кривичниот прогон на Младиќ е отелотворение на тоа што го прави меѓународното право, изјави Хусеин.
Според него, Младиќ раководел со некои од најстрашните злосторства извршени во Европа по Втората светска војна кои „резултираа со терор, смрт, илјадници жртви, тага, трагедија и трауми“.
– Денешната пресуда претставува предупредување за сторителите на такви злосторства дека нема да ја избегнат правдата независно колку се моќни и колку и да трае процесот против нив, нагласи Хусеин.
Српскиот член на Претседателството на БиХ, Младен Иваниќ, коменирајќи ја пресудата на Младиќ, изјави дека од еден Суд кој досега на „Србите им изрекол пет доживотни казни и вкупно 758 години затвор, на Хрватите 166 години, а на Бошњаците само 41,5 години, ништо друго и не можело да се очекува“.
Според него, пресудата за Младиќ покажува дека продолжува негативниот однос кон Србите и дека Хашкиот суд ќе остане запомнет по тоа што „не делел правда, туку политика“,
– Хашкиот трибунал наместо доверба, донесе недоверба, а наместо помирување, ќе доведе до нови политички судири, истакна Иваниќ, додавајќи дека „никој не треба да се откаже од поддршката за Младиќ и дека треба да му се пружи максимална помош во жалбената постапка“.
Претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, оцени дека пресудата за Младиќ претставува уште една потврда дека воените злосторства никогаш и никому нема да му се исплатат, независно колку долго злосторниците се кријат и бегаат од својата одговорност.
– Казната што Хашкиот трибунал му ја изрече на Младиќ нема да ги врати илјадниците настрадани недолжни цивили и сигурно нема да им донесе конечен мир на нивните семејства, на оваа судска пресуда е важна за иднината на целиот регион, изјави Звиздиќ.
Според него, за време на војната во БиХ Младиќ командувал со воени единици кои ги извршиле некои од најстрашните злосторства во поновата историја, со што сега неговата одговорност е потврдена без никаков сомнеж и тој ќе остане запомнет само по своите злосторство.
– Се надевам дека денешната пресуда внимателно ќе ја прочитаат сите оние кои повикуваат на нови поделби и судири, ако веќе не се подготвени да се соочат со своето минато, нагласи Звиздиќ.
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, пак, оцени дека Ратко Младиќ за време на војната во БиХ професионално и патриотски го исполнувал својот долг.
– Тоа што Младиќ и многу други го правеа заедно со него претставува професионално исполнување на својот долг. Жртвувајќи се себеси и своите семејства тие знаеја на што ќе бидат изложени, но не се откажаа од вистинската идеја за слобода, што доведе до создавање на Република Српска, нагласи Додик.
Според него, Ратко Младиќ останува легенда на српскиот народ и човек кој ги вложил сите свои „човечки и професионални капацитети во заштита на српскиот народ“.
Потпретседателката на Федерацијата Босна и Херцеговина, Мелике Махмудбеговиќ оцени дека денешната пресуда на Младиќ претставува минимум правда на која предолго чекале жртвите и нивните семејства.
– Ние во БиХ, кои го преживеавме периодот од 1992 до 1995 година, одамна сме свесни дека не постои адекватна казна за извршените злосторства и која би можела да ги врати животите на десетиците илјади невино настрадани жртви за време на агресијата на БиХ. Сепак таа претставува делумна сатисфакција за она што го преживеавме за време на таа агресија, оцени Махмудбеговиќ.
Според неа, пресудата на Младиќ треба да претставува опомена за сите оние што ги величат воените злосторства и показател дека нивната политика е неприфатлива и опасна.
Потпретседателот на Република Српска, Рамиз Салкиќ смета дека со пресудата на Младиќ правдата е само делумно задоволена.
– Сметам дека е најважно што Младиќ е осуден, што го доживеа изрекувањето на пресудата и што доби доживотна казна. Тоа е сатисфакција за жртвите, изјави Салкиќ.
Според него, сега останува да се види како на оваа пресуда ќе реагираат сонародниците на Младиќ и дали и натаму ќе продолжат да го величаат и слават како херој или ќе и погледнат на вистината во очи и ќе прифатат дека тој организирал, спроведувал и извршувал воени злосторства и геноцид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст