| четврток, 6 декември 2018 |

Крадец избегал иако бил фатен на дело: Со лопата ги отворил сите врати во куќата и го украл накитот

Крадец од куќа во Гостивар одзел кутија со накит и искршил неколку врати причинувајќи штета од над две илјади евра. Гостиварецот Б.А. (63), вчера утро пријавил дека во периодот помеѓу 7 часот и 30 минути и 10
часот и 30 минути, непознат сторител извршил тешка кражба во неговата куќа, лоцирана на улица „Борче Јовановски“ во Гостивар.

Според СВР Тетово, откако насилно го отворил прозорецот во приземјето, со лопата, провалникот насилно ги отворил вратите на првиот и вториот кат. Од спална на првиот кат одзел црна кутија со златен накит и бижутерија.

–  Кога се вратил Б.А, забележал непознато лице со кутијата во рацете, кое се обидело физички да го нападне, но тој се повлекол наназад, а потоа непознатото лице со трчање избегало, вели Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

Крадецот по оваа кражба се стекнал со имотна корист која се проценува на 30 илјади денари, додека причинетата материјална штета се проценува на 120 илјади денари.

По пријавата, од гостиварската полиција превземаат мерки и активности за расветлување на пријавеното и за откривање на сторителиот. Неофицијално, во февруари годинава, домот на Б.А. беше ограбен и тогаш крадци одзедоа накит вреден 2,4 милиони денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top