Клаудио Магрис, еден од најзначајните и највлијателни европски и светски современи писатели, деновиве престојуваше во Скопје на покана на Амбасадата на Италија во Македонија, Институтот „Данте Алигери“ и неговиот издавач „Арс студио“. Тој беше учесник на манифестацијата „Недела на италијанскиот јазик“ на која беа претставени неговите романи: „Запрена постапка“, „Друго море“ и „Микрокосмоси“, кои на македонски ги преведе професор Анастазија Ѓурчинова, а ги објави „Арс студио“.
Клаудио Магрис е роден во 1939 година во Трст. Тој е прозен писател, есеист, преведувач и книжевен критичар. По струка германист и универзитетски професор на Универзитетите во Трст и во Торино. Напишал цела низа книги за историјата и културата на средна, јужна и југоисточна Европа. Познати се неговите трудови за Јозеф Рот, Роберт Музил, Итало Звево, Хофман, Херман Хесе, Хенрих Ибзен или Борхес. Тој е долгогодишен колумнист на „Кориере дела Сера“ (Corriere della Sera). Речиси секое негово дело е закитено со книжевни признанија, а наградуван е и за целокуното литературно творештво и ангажман, вклучувајќи ја и Наградата за мир на Франкфуртскиот саем за книги. Ова признание е востановено во 1950 година и се доделува на истакнати светси интелектуалци кои со своите дела и своите општествени активности успевале да го свртат вниманието на немилите настани и судири на меѓународната сцена, залагајќи се за мир, соработка и зближување на народите и нивните култури.
Магрис, инаку, со години наназад, а и денеска важи за еден од најсилните кандидати за Нобеловата награда за литература. Неговото име се наоѓа на самиот врв при предвидувањето кој ќе го добие ова најголемо светско признание за литература.
Со Клаус Магрис разговаравме пред неговото предавање на тема: „Книжевност, граници, идентитет“ кое го одржа за време на неговиот престој во Скопје.
Живеете во Трст каде во кафулето Сан Марко редовно го пиете своето кафе и ги пишувате Вашите романи. Во книгата „Микрокосмоси“ се споменува токму ова кафуле кое било омилено на Џејмс Џојс, Умберто Саба, Итало Звево… Дали опкуженоста со луѓе, вревата, џагорот ве инспирираат? Обично авторите бараат мир при творењето.
– Јас со задоволство работам во кафулињата, сè додека нема многу бучава, поради различни причини. Пред сè, бидејќи кога сум дома, го кревам погледот, ја гледам библиотеката пред мене и посакувам да ги прочитам големите книги што ги гледам, а не да пишувам. Понатаму, во кафуле имам чувство дека сум сам само со неколкуте неопходни работи, хартијата, пенкалото и други листови со забелешки. Постои начин да се биде сам во друштво. Мило ми е да видам луѓе околу мене, бидејќи кога се пишува таму секогаш има мал делириум на семоќ, веруваш дека можеш да го поправиш светот и добро е да се видат луѓето околу себе кои не се грижат што правиш ти, кои не ги засега тоа.
Во Фракфурт во Вашата беседа по повод врачувањето на Наградата за мир рековте: „Ние сме влезени во илузија дека живееме без војна“.Сметате дека Третата Светска војна е завршена и дека светот е во четврта Светска војна. Кажете ни малку повеќе за тоа?
– Овој говор го одржав во 2009 година, кога ми беше доделена наградата за мир. А сега ситуацијата е многу полоша. Навистина сме во четвртата светска војна. Во еден дел од неа. Бидејќи третата заврши во 1989 година со победата на т.н. Запад и поразот на советскиот свет. Четириесет и пет милиони жртви имаше во оваа војна. А за моја, и за среќа на земјата во која живеев, кај нас немаше војна. Сега сме во четвртата светска војна која е насекаде. Војни, атентати, пари, војски кои освојуваат и се повлекуваат, само не се разбира кој е против кого. Во Втората светска војна се знаеше. Постоеше нацистичка Германија, за жал и фашистичка Италија, од една страна и сојузничките сили од другата страна. Сега не може да се разбере. Саудиска Арабија е сојузник Америка, но финансира и обучува џихадисти кои подготвуваат и поставуваат бомби. Асад. Дали тој е сојузник или непријател? Затоа велам, ништо не се разбира, ништо повеќе не е јасно. И тоа дава идеја за многу тешка војна, и тоа навистина е четвртата светска војна. Ужасно нешто. Мораме да сфатиме со песимизам што ни се случува, бидејќи она што се случува е ужасно. Тука не зборувам само за војната и бомбашките напади и судири, туку зборувам и за огромниот проблем на бегалците, мигрантите, бројот на луѓе во светот кои навистина живеат во нехумани услови. И сепак, ние не смееме да престанеме да мислиме дека војната е неизбежна. Се сеќавам на едно интервју пред многу години. Го слушнав на една француска телевизија. Зборуваше еден виетнамски лидер, тоа беше уште пред војната со САД и тој рече нешто важно: „Нашиот најголем предизвик, бидејќи ние секогаш живеевме во војна, е да веруваме дека војната е идентична со животот, дека таа не е дел од имагинацијата, нема живот без војна “. И тоа ме погоди. Верувајте дека војната е нешто фатално и неизбежно. Тоа многу тешко може да се сфати и трагично е, но ако ме прашате како е можно да се избегне војната, не можам да ви одговорам, не знам. Ако знаев ќе бев најголемиот гениј на Земјата. Ова интервју за мене беше едно од најголемите просветлувања.
Наидов на податок дека своите дела ги пишувате на рака, во ракопис. Во што е тајната? Полесно Ви е така? Каков е процесот на пренесување на ракописот во компјутер потоа?
– Пред се’, сакам да кажам дека тоа што пишувам на рака не значи одбивање на технологијата. Едноставно секој е различен на свој начин. Што се однесува на препишувањето на ракописот на компјутер, тоа го правеше една госпоѓа од Торино која го разбираше мојот ракопис подобро од јас самиот, но не работи повеќе. Сега, јас диктирам на диктафон и потоа некој го пишува текстот на компјутер.
Како колумнист на весникот „Кориере дела Сера“ редовно се вклучувате во политички дебати, а ќе речете дека : „Ваша морална обврска е да пишувате за актуелни теми“. Некогаш и за Балканот. Како гледате на Балканот во моментов?
– Морам да кажам дека јас за политика не пишувам со задоволство, туку пишувам тогаш кога ќе почувствувам должност, кога е потребно да се протестира, кога има нешто кое треба да се одбрани, да се пријави. Би бил посреќен доколку тоа не беше потребно. А за книжевните статии кои ги пишувам, за нив ми е потребно многу повеќе време. Политичките ги пишувам за 15 минути. Понекогаш директорот ќе ме побара на телефон и ќе ме замоли да напишам некоја статија, јас веднаш ќе му одговарам – не, за тоа не пишувам. И потоа по 15 минути ќе му се јавам и му велам, готово, напишав. Јас за „Кориере Дела Сера“ пишувам 50 години, а пред тоа пишував и за други весници.
За Балканот би го кажал следново. Се сеќавам на една фраза од Черчил: „Балканот произведува повеќе историја одошто може да консумира“. Мислам дека е многу тежок свет во кој се’ уште постојат внатрешни граници, не само тие вистинските. Ете на пример, во оваа држава има една неверојатна приказна, и’ се негира правото да има име за сите, Италија е Италија за сите. Јас мислам дека тоа е навистина смешно, но не бидејќи сум во Македонија, истото ќе го кажев и да бев во Норвешка на пример. На Балканот има култури кои произведуваат многу. На некој начин Балканот е дел и од мојот свет.
Роден сте во Трст-место кое се наоѓаше на некогашното тромеѓе каде се спротивставуваа световите. И постојано пишувате за искуствата на границата: национални, политички, социјални, психолошки, лингвистички граници како места кои ги разделуваат, но и ги поврзуваат луѓето. Ќе успееме ли конечно да ги надминеме бариерите?
-Многу е тешко да се предвидат работи, не знам да гледам на карти. Факт е дека границата некогаш е мост, а некогаш е ѕид. Понекогаш е полесно да оствариме однос со некој кој ни е далеку отколку со сопствениот сосед. Во овој момент се наоѓаме во изблик на војни насекаде. Од една страна димензиите се се’ поголеми, се’ станува поуниверзално. Се’ што се случува во некоја страна на светот не’ засега и нас. Поблиски сме одшто сме биле во минатото. Во 19 век некој кој живеел во Париз не го засегало тоа што се случува во Македонија и обратно. Сега тоа не е можно. Се разви еден вид на идентитетска треска, манија да се градат се’ помали граници, креирајќи и таканаречени национални држави, а ниедна држава не е национална. Ние треба да се обидеме да го разбереме овој процес, доколку е можно да го деактивираме, да ги сфатиме причините зошто се раѓаат толку многу ултранационалистички и популистички феномени, се’ помали и на локално ниво, но не можеме едноставно да ги игнорираме и да ги мразиме. Кога госпоѓата Хилари Клинтон ги дефинира како грозни говорите на Трамп, таа прави грешка бидејќи треба да се обиде да им објасни на избирачите на Трамп зошто е тоа така и да ги разбере нивните причини, тоа е единствениот начин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.