Сметате дека народот подлегна на притисоците, уцените, заканите, поткупот на изборите?
ГРУЕВСКИ: Дел од народот да. Дел не. Но доволно за СДСМ со коалицијата да излезе како победник со разлика од 60 илјади гласа, ако ги вклучиме и гласовите на нашите коалициони партнери со кои на некои места договоривме да имаме засебни листи. Ние сме ги победувале СДСМ и со повеќе од 200 илјади гласови, но во мнозински систем како што се изборите за градоначалници, ефектот изгледа огромен и со 60 илјади гласови разлика.
Но, кога сме веќе кај народот, познавајќи го, знам дека ова нема да трае долго. Заканите и притисоците, уцените и поткупот можеби времено ќе дадат некој резултат, но во еден момент тоа ќе престане да функционира и работите ќе се свртат. Во политиката особено важи онаа поговорка која вели дека стапот има два краја, колку и во даден момент тоа да изгледа невозможно.
Сепак меѓународната заедница повеќе говори за реформите, отколку за името…
ГРУЕВСКИ: Да, и тоа е нормално. Прво затоа што потребни се понатамошни реформи. Така беше и пред 5 и пред 10 и пред 15 или 20 години. Така ќе биде и по 5, 10, 15, 20 и повеќе години. И тоа треба да се заврши, но со ум, а не со емоции и фрустрации, или желба за приграбување поголема власт. Реформите можат многу да подобрат, но ако се промашат може и да влошат и по некое време да се констатира дека биле погрешен потег, па да се оди на нови реформи спротивни од оние кои сега би се усвоиле. Фактот што, да речеме, сега опозицијата воопшто не е вклучена во подготовката на законите од областа на владеење на правото, е прв сигнал дека работите нема да одат во вистинска насока. Вклучени се само експерти кои се страсни поддржувачи на СДСМ, или луѓе кои од материјални или кариерни причини, се трудат да чујат што мисли некој претставник на надворешен фактори тоа да го преточи во правна норма, за во иднина пак да биде повикан во некоја работна група каде се плаќа.
Потоа од страна на Владата ќе следи божемна, лажирана и исконструирана јавна дебата, колку да се спомне дека имало и такво нешто, каде ќе доминираат луѓе за кои однапред знаеш што ќе кажат и зад кого ќе застанат со своите ствавови и потоа ќе се усвојат законите. По некоја година, откако ќе се видат ефектите, ајде „јово наново“. Тоа е Македонија денес.
Меѓународната заедница во минатото има многу помогнато на Македонија при правење на реформите, но да не заборавиме дека и тие знаат да згрешат, особено кога сакаат да копираат закони и правила од други држави без да се навлезе длабоко во локалните специфики и проблеми. А тука, нема кој да им каже дека грешат, бидејќи за партиските експерти на СДСМ ерес е ако укажеш на можна грешка, пропуст или слабост, недостаток или лошо искуство од минатото за нешто што сега пак се предлага, ако тоа доаѓа од некој надворешен фактор.
Значи реформите треба да продолжат, но со сериозно внимавање да не се направат грешки, со широки и реални јавни дебати и консултации, и со искрена намера за движење на земјата напред.
Нема ли начин Вие како партија да се вклучите во овие процеси, да одиграте конструктивна улога. Како во решавањето на името, така и за реформите?
ГРУЕВСКИ: За реформите Ви кажав дека не не вклучуваат во ништо. Веројатно кога ќе ги напишат законите и поминат на Влада, ќе бараат поддршка, но тоа не е вклучување, туку барање поддршка за нешто што друг го смислил и воопшто не го интересирало нашето мислење. Вклучување е ако од нас побараат поголем број експерти, за кои освен стручност, ние веруваме дека не се партиски поданици на СДСМ, па тие да влезат во подготовките на актите уште во нивна рана фаза, и да имаат реално влијание, да се разговара со аргументите на правото, а не со аргументите на силата, од самиот почеток. Такво нешто досега нема.
Што се однесува до името, ние би можеле да имаме конструктивна улога доколку Владата планира реални и суштински разговори, а не капитулација и прифаќање на сите позиции на другата страна. Ако планираат се да попуштат, тогаш не им требаме ние, ниту пак сакаме да сме дел од тоа. За жал, мене работите ми личат дека марионетската власт во Македонија е спремна да прифати се што бара Грција. Буквално се. Како договорот со Бугарија. Нема да има суштински разговори, туку разговори како да се регулираат односите со јавноста во двете земји, во смисла да се контролира и ограничи степенот на триумфализам во Грција, а да се најде начин во Македонија капитулацијата по ова прашање да се претстави како голем успех, со одбран вокабулар, потврда за истото да дојде од надворешните фактори и меѓународната заедница, дефокусирање на јавноста со други теми и со напад и малтретирање на опозицијата и на сите што мислат различно, зауздување на медиумите во Македонија во правец да го развеселат народот дека нешто многу добро се случило, најава дека ќе дојдат многу грантови и пари, и дека ќе влеземе во НАТО и ќе почнеме преговори со ЕУ.
Евентуално може ќе се обезбеди или најави некоја инвестиција, во поткрепа на тоа дека доаѓаат добри времиња. Откако ќе заврши периодот на бајки, најверојатно единствено што ќе остане ќе биде членството во НАТО и почнатите преговори со ЕУ од една страна, и понижувачкото прифатено решение кое го издиктирал нашиот јужен сосед со кое ќе треба трајно да живееме, со чувство на свиткана кичма и променет идентитет и име, за што се води битка 150 години со многу жртви и откажувања на нашите предци.
Ние многу сакавме да најдеме решение и да стигнеме до компромис, но за жал тоа беа години кога или грчката влада не сакаше да постигне компромис туку апсолутна победа, или беа со години во финасиска криза за време на која прашањето на името воопшто не им беше на листата на приоритети. На крајот и кај нас дојде политичката криза, па проценката на сите актери во процесот беше дека треба прво тоа да заврши па потоа да се мисли на проблемот кој Грција го наметна со нашето име.
Колку мислите дека на граѓаните им е важен проблемот со името? Не мислите ли дека им станува се помалку важен? Не мислите ли дека СДСМ иако најави промена на името пред локалните избори, го пушти во парламентот и закон за двојазичност и го потпиша договорот со Бугарија, сепак голем број граѓани гласаа за нив?
ГРУЕВСКИ: Вашата теза би била многу логична ако имавме фер и демократски избори. Тогаш не би имало дилеми. Да, навистина, пред изборите беа испратени сигнали дека ќе се менува името, беше потпишан договорот со Бугарија со сите штетни елементи во него за Македонија, беше изгласан на влада и во Парламентот беше на расправа законот за употреба на јазиците. Дури би додал дека имаше и сигнали за намерата да се прифатат поголем број мигранти на трајно живеење во Македонија, се најавија и зголемувања на даноците, а имаше и сигнали за плановите за редефинирање на бракот во смисла на легализирање на хомосексуални бракови и посвојување деца од нив. Ако после ова имавме фер и демократски избори, ако полицијата не станеше активен играч на изборите во полза на марионетската власт, ако не се истуреа милиони евра во поткуп, и ако немаше толкав притисок, закани и уцени кон огромен број гласачи, тогаш јас ќе кажев: ние сме против тоа, но власта доби легитемитет од народот да го прави ова. За жал, СДСМ не остави можност за тоа. До максимум ја злоупотребија власта и направија африкански избори во Македонија.
Сепак, најдобар одговор на Вашето прашање би дал народот доколку има референдум за овие крупни работи, но организиран без притисоци, уцени, закани, поткупи со заштита на полицијата и протерување на сите неистомисленици со политички прогон а со контрола на судската власт и медиумите.
Деновиве се изгласа првата фаза од законот за употреба на јазиците, со кој, велат познавачите, се оди на двојазичност на целата територија на Македонија. Втората и конечна фаза се предвидува веќе за следната недела. Како ќе гласа ВМРО-ДПМНЕ?
ГРУЕВСКИ: Ние на ова многу долго предупредувавме. Не само пред локалните, туку и пред парламентарните избори во декември 2016 година. Уште тогаш укажавме дека тоа би било противуставно, дека ги дискриминира другите помали етнички заедници и дека создава простор за уште поголема поделба помеѓу Македонците и Албанците. Таа дополнителна поделеност, ќе биде потенцијал за движење на земјата кон федерализација, чекор кој е последен пред поделба на државата, а поделбата значи и растурање на државата.
Истовремено ние поддржавме да има поголема употреба на јазиците на помалите етнички заедници, но во рамките на општините каде тие се барем 20 отсто. Ние не се плашиме и немаме ништо против албанскиот јазик или Албанците во Македонија. Тие се наши сограѓани, а многу од нив и наши лични и драги пријатели. Нивниот јазик го почитуваме и тоа сме го покажале со многу гестови во минатото, тргнувајки од првото носење на законот за употреба на јазиците во 2008 година, прифаќањето на Денот на азбуката за празник во Македонија на сите Албанци, поддршка на албанската литература и книжевност, преводи на стручни книги покрај на македонски и на албански јазик, создавање на Институт за духовно и културно наследство на Албанците, создавање на нов Универзитет на албански јазик „Мајка Тереза“, и проширување на Тетовскиот универзитет во повеќе општини и на повеќе струки, воведовме и државни грантови од буџетот за Штуловиот универзитет и.т.н. Значи проблемот не е во јазикот или луѓето.
Тогаш, каде го лоцирате проблемот?
ГРУЕВСКИ: Проблемот е во тоа што и онака Македонците и Албанците живеат едни покрај други, а не едни со други во оваа држава, и што овој закон тоа ќе го продлабочи. Имаме многу малку кохезивни фактори, фактори кои не поврзуваат, помеѓу Македонците и Албанците, а употребата на македонскиот јазик како службен јазик на целата територија е една од главните кохезивни фактори. Кога тоа ќе го нема, кога двата јазика ќе се изедначат и покрај тоа што едниот го говорат само околу 22 отсто од населението според последниот попис од 2002 година, мислам на албанскиот јазик, а македонскиот над две третини, а и останатите одлично го говорат, тогаш со тек на времето, во следните 20-30 години нема да можеме да се разбереме меѓу нас, бидејќи Албанците, каде и сега тренд е меѓу младите да не се изучува македонскиот јазик, целосно или во најголем дел нема да го учат македонскиот јазик. Двојазичноста на целата територија за жал нема да предизвика Албанците да го учат македонскиот, а Македонците албанскиот јазик, туку секој само својот. Тоа толку многу ќе не раздвои што во еден момент ќе стане многу тешко живеењето во иста земја, а потребата од поделба низ или без процесот на федерализација или кантонизација, природно ќе се наметнува. Тоа не е добро за државата, и ние сакаме Македонија да остане унитарна. Втора работа е што ќе се јават многу практични проблеми во функционирањето во секојдневниот живот независно дали тоа е комуникација со полицијата и војската, лекарите со пациентите, поштите, банкарските шалтери, аптеките и каде ли уште не. Навидум Албанците ќе добијат некое право, и политичарите кои тоа им го овозможуваат ќе имаат краткорочна политичка корист. Но во реалноста, речиси никаква корист нема да имаат граѓаните Албанци, напротив повеќе проблеми и за нив и за сите.
Нивните основни проблеми се поврзани со економијата, животниот стандард и квалитетот на живот, потребата од нови работни места и повисоки плати, инфраструктура и подобро управување на државата од правен аспект. Овој закон нема да им го подобри животот во ниту еден од овие нивни приоритети. Знам дека сега не ми веруваат на ова, но ќе дојде време кога ќе веруваат. ВМРО-ДПМНЕ и во минатото и во иднина ќе се фокусира на тие проблеми кои најмногу ги тиштат Албанците, реалните проблеми, а не продавање магла.
Значи нема да го поддржите овој закон во парламентот?
ГРУЕВСКИ: Веќе помина првото читање и ние како партија и како Коалиција за подобра Македoнија гласавме против овој закон и објаснивме зашто. Ако нема суштински и сериозни измени на законот во неговата конечна фаза, ние нема да го поддржиме.
Ваков каков што е, истиот е неуставен, и владејачките партии се свесни за тоа, и се свесни дека еден ден тој закон може да падне на Уставен суд. Не знам дали намерно го форсираат ваков за да остварат краткорочни политички поени, а потоа законот да падне, но личи на такво нешто.
Интересно е што според нашите информации, Заев ги убедувал неговите пратеници дека во втората фаза се што е против уставно со амандмани ќе го елиминираат, а ДУИ пак јавно говори дека нема ништо да се смени. Едните лажат. За неколку дена ќе знаеме кој.
Крај на вториот дел од мегаинтервјуто на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за „Република“.
Груевски: Mарионетската влада сака да ја редефинира државата
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст