| четврток, 6 декември 2018 |

Светска банка: Maкедонија со најслаба економија во последните години

Светската банка во редовниот економски извештај за Македонија, објавен заедно со извештаите за другите балкански земји, прогнозира дека Македонија годинава ќе забележи економски раст од 1,5 отсто, што е најниско ниво во последниве години. Претходно растот изнесуваше 3,8 отсто во 2015 година и 2,4 отсто во 2016. Но, според Светска Банка, шансите се позитивни. Следната година растот на економијата се очекува да достигне 3,2 отсто, а во 2019 да изнесува 3,9 отсто.

Светска банка предупредува дека треба да се обезбеди фискална одржливост, што значи државата поефикасно да ги собира парите од даноците и повнимателно да ги троши, односно на начин што би поттикнал поодржлив раст. Во извештајот се нагласува дека Македонија, како и регионалните економии, „нема доволно фискален простор за поддршка на растот“, што значи дека најголем дел од парите што ги собира државата ги троши на плати, пензии и социјални придонеси, а многу малку остануваат за капитални инвестиции.

И покрај слабата економија, вработеноста продолжила да расте, а невработеноста да се намалува. Бројот на вработени се зголемил за 2,5 отсто во 2016 година и за 2,7 отсто во првата половина од оваа година. Од Светска банка, сепак, велат дека во добар дел тоа се должи на мерките на Владата, која им даваше субвенции на работодавачите да вработуваат луѓе, односно им ги плаќаше придонесите за новите вработени преку проекти како „Македонија вработува“, преку кои се вработиле 14 илјади лица.

Претставниците на Светска банка ги посочија проблемите со кои земјата се соочува или може да се соочи, но не дадоа конкретни препораки за тоа што треба да се направи. Предупредија дека земјата старее. До 2040 година прогнозираат дека за 40 отсто ќе се зголеми бројот на стари лица. Не препорачаа дали треба да се зголеми старосната граница за пензионирање.

Избор: Макфакс

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top