| четврток, 6 декември 2018 |

Матилда Бајкова, најдобар просветен работник: Јас и учениците сме партнери во едно четиригодишно патување

„Секој е добар во нешто. Ако така фунцкионираме и на системско ниво, тогаш од децата ќе го извлечеме најдоброто и од коноп ќе направиме свилен конец, како што јас често пати сакам да кажам“ вели Матилда Бајкова. Таа со уште тројца колеги беа избрани за најдобри просветни работници за учебната 2016/2017 година.

Бајкова веќе 15 години работи како наставник по македонски јазик. Нејзино матично училиште е „Вера Циривири – Трена“, но дополнува часови во „Јан Амос Коменски“ и во „Аврам Писевски“ во скопското село Бардовци. Денот од 24 часа е краток за оваа инспиративна наставничка, која има работно искуство и во Фондација за поддршка на иницијативи. Иако по титула е магистер, бидејќи е специјалист за работа со деца со посебни образовни потреби, таа не заборава да истакне дека е пред сѐ учител. Таа е соработник во многу научни трудови и учествувала на меѓународни симпозиуми од сферата на образованието и информатичката технологија во образованието.

Мојата професија ја сфаќам како хумана професија. Ова е професија со која може да се преживее, а не да се живее, но јас ја работам од срце, со цела моја душа и сметам дека е една од најхуманите професии кои можат да го облагородат детето и да го натераат чекорчињата да му одат кон училишетото, а не да му се враќаат – вели Бајкова во интервју за „Република“.

Бајкова потекнува од семејство на Гонџа Бојаџиу, скопјанката позната уште како Мајка Тереза. Нејзина тетка е Аница Лора, која била првата учителка по војната во Македонија и е нејзин пример за учител.

Дали постои природна дарба некој да биде професор, да пренесува знаења, или пак учителкиот занает се учи на факултет?

БАЈКОВА: Факултетот е само едно место каде што се стекнува диплома со која може легално да работите и да заработувате од таа професија којашто сте ја одбрале. Меѓутоа, вештината да се биде наставник пред се учител, но и авторитет, иако во денешно време многу е тешко да се зборува за авторитети што се однесува до просветните работници, е со голема тежина. Треба да се има талент да се задржи вниманието на учениците, но и да им се влее и доверба дека навистина се во добри раце. На факултетот се добива диплома, но понатаму практиката, животот и искуството коешто го носи со себе еден просветен работник е она вистинското. Мојата професија ја сфаќам како хумана професија. Ова е професија со која може да се преживее, а не да се живее, но јас ја работам од срце, со цела моја душа и сметам дека е една од најхуманите професии кои можат да го облагородат детето и да го натераат чекорчињата да му одат кон училишетото, а не да му се враќаат.

На факултетот се добива диплома, но понатаму практиката, животот и искуството коешто го носи со себе еден просветен работник е она вистинското, вели Бајкова

Што вас ве научи праксата во овие 15 години како просветен работник?

БАЈКОВА: Просветен работник е едно унифицирано име за учителите и моите колеги честопати ме опоменуваат дека ние сме професори, не учители. Ние, по нашата вокација сме учители – нешто подучуваме. Ние сме тие кои сакаме нешто некого да го научиме. Во денешно време на информатичка технологија, пред се тоа е споделување. Нашите предавања се конципирани по некоја рамка за која некој одлучил како да биде, нормално, во дослух со нас, практичарите. Практиката донесува едно сосема поинакво огледало на нештата. За овие 15 години имав голема можност да научам од другите. Да научам од моите ученици. Со секоја нова генерација јас учам. Кога првпат се среќавам со нова генерација ученици јас им кажувам дека ние сме взаемни партнери на нашиот четиригодишен пат. Не можам да кажам дека јас ќе ги учам, а тие само ќе слушаат, туку ние взаемно се подучуваме. Понекогаш јас повеќе, тие помалку, или обратно, во зависност од потребите и она што ни се нуди.

Дали денес е предизвик да се биде учител? Како е можно да се натераат денешните деца да ја сакаат книгата и да бидат жедни за знаење?

БАЈКОВА: Денешните деца кога ќе ги прашате со што би се занимавале во животот и ќе понудите неколку професии, никогаш нема да ја одберат наставничката професија. Тоа е доволен показател  дека нашата професија не е ниту конкурентна на пазарот, ниту атрактивна, ниту пак професија со која некој би се гордеел. Можеби јас сум исклучок и сум ’црна овца’, па за себе велам дека мојот труд и мојата желба да се постигне нешто повеќе во оваа професија е тоа што ќе ги натерам моите ученици да мислат дека еден ден би можеле да бидат наставници. Голем дел од нив и навистина сакаат да бидат наставници. Читањето е составен дел од живеењето. Без разлика колку е технологијата напредна, сепак, кингата е таа што привлекува, примамува и прави да бидеш достоинствен за својот поглед на свет. Децата од мали треба да учат да читаат, во смисла првично да ги слушаат своите родители како им читаат, а потоа и самите да посакаат да глаголат, односно да учат да читаат. Слоговите на почетокот се предизвик за секој родител и сите се радуваат на првите зборови. Меѓутоа, првото прочитено зборче кое го прочитало вашето дете е најголемата радост за секој родител.

Секоја година јас си задавам по еден проект. Оваа година тоа е да го научам знаковниот јазик.

Зошто сите истражувања покажуваат дека денешните деца знаат се помалку и тоа во време на развиена техника и технологија? Дали сметате дека би требало да биде поинаку?

БАЈКОВА: За жал, многу технологија некогаш може да направи некоја опструкција во однос на тоа колку ние сакаме да постигнеме. Конкретно, во Македонија не ни се потребни ниту ПИСА, ниту пак други истражувања, за да кажат дека нашите деца се неписмени или пак се рангирани меѓу најнеписмените. Тоа е затоа што имаат голем наплив на информации во хаотичен редослед. Не сум поборник, ниту пак сум носталгичар за оние времиња во коишто ние растевме и учевме, бидејќи секоја генерација си носи свој предзнак. Но, постоеше ред. Се знаеше дека уште во градинка деца стекнуваат навики кои понатаму во училиштето ги развиваат и ги доградуваат. Сега е хаотично. Постојано има некои експерименти во образованието, но моделот кој му одговара на нашето поднебје го нема никаде. Ќе се повикам на нашите преродбеници – Ѓоргија Пулевски и Крсте Петков Мисирков, кои велат дека прво и најважно е да се знае мајчиниот, сопствен јазик, а потоа туѓиот, странскиот, како што ја сакаш сопствената мајка, а потоа ги почитуваш сите други жени на светот. Зошто учениците во училиштата во кои предавам сакаат да читаат? Бидејќи јас ги ’инфицирам’. Секој час го почнувам со тоа што јас сум прочитала, и така и нив ги ’инцифирам’. Никогаш не ги употребувам зборовите ’мораш’, ’имаш граница’. Со нив се договараме за термини, за дискутирање и на начин на читање. Имаме брзи читачи, побавни, деца кои споро се развиваат во читањето, но на крајот е ефектот дека сите нешто прочитавме и научивме. Тој кооперативен метод кај мене функционира. Работиме во кооперативни групи, секој си го кажува своето мислење онолку колку што му е вештината. И никој не ја чувствува фрустрацијата дека не научил и не бил добар во тоа. Секој е добар во нешто. Ако така фунцкионираме и на системско ниво, тогаш од децата ќе го извлечеме најдоброто и од коноп ќе направиме свилен конец, како што јас често пати сакам да кажам.

Се чувствувате ли некогаш обесхрабрено? Помислувате ли да да се откажете во оваа борба?

БАЈКОВА: Инклузијата на деца со посебни обрзовни потреби е навистина затапена во училиштата. Наставниците како кадар имаат проблем, посебно со препорзнавање на некои посебности во однос на тоа како да се справат во училница со 20-30 деца, а имаат такви деца. Дефектолозите во училиштата не можат да постигнат, затоа што сепак, тоа е индивидуална работа. Секоја посебна потреба бара посебно внимание. Јас имам среќа, бидејќи имам специјалност која самоиницијативно ја направив за време на мојот работен век и можам да се справам со некои предизвици. Но, пак ќе кажам, ризикот од неупсех е секојдневен. Ризикот од дополнителна лична фрустрација дека не си успеал да направиш нешто е навистина голема. Како што предизвиците и задоволството се големи ако нешто добро сте направиле во текот на денот, така и тагата може да биде голема ако нешто не сте направиле. Се трудам максимално и го посветувам своето внимание на учениците кои имаат проблем да совладаат нешто. Колку што е можно се трудам да им го олеснам патот, да им го насочам, да соработувам со родителите и со службите во училиштето. Но, на тој пат има и пречки, институционални, временски… За еден час кој трае 40 минути не може многу да се направи. Згора на тоа, јас сум наставник во три училишта. Тие ме гледаат многу кратко. Јас сум предметен наставник и тие ме гледаат само за време на часовите. Јас постојано сум во трка со времето. Јас не сум сама во оваа борба, има и други наставници, но фрустрацијата доаѓа оттаму што никој не не препознава. Како да сме обележени. А обележени сме од едноставна причина што многу ја сакаме својата работа. Ние не сме ’екс-катедра’ професори.

Што е ваш следен предизвик?

БАЈКОВА: Секоја година јас си задавам по еден проект. Оваа година тоа е да го научам знаковниот јазик. Јас сум специјалист за деца со посебни образовни потреби во делот на аутизам, Даунов синдром и хиперкативност. Сега ми е предизвик да го научам знаковниот јазик.

Александра М. Бундалевска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top