| четврток, 6 декември 2018 |

Наместо субвенции за поздрава животна средина, владата со повисоки цени ќе се бори против аерозагадувањето

Повисока акциза на нафтата – помалку пари за граѓаните. Зголемената цена на нафтените деривати што владата ја најави од 1 јануари нема да го реши проблемот со аерозагадувањето. Покуси ќе останат граѓаните – ќе плаќаат поскапи горива, а нема да добијат чист воздух за дишење. Наместо финансиски субвенции со кои ќе им се помогне на домаќинствата да преминат кон еколошки горива за затоплување на домовите, новата влада преку непопуларни политики директно ќе го намали и онака нискиот стандард на граѓаните. Експертите согласни – повисоката цена на нафтата ќе ги зголеми и цените на малопродажните производи.

Уште една давачка за граѓаните е најавеното етикетирање на автомобилите при технички преглед. Ако се земе предвид дека секоја година при регистрација на возилата граѓаните плаќаат по 60 денари за налепницата која задолжително треба да стои на ветробранското стакло, не е исклучено дека од следната година ќе треба да се плаќа ваква такса и за налепниците со кои ќе се категоризира еколошкиот стандард на секое возило – мерка која неделава ја најавија градските власти.

Од Град Скопје потврдија и дека ќе расте цената на паркинзите, бидејќи сметале дека оваа ќе ги поттикне возачите повеќе да користат јавен превоз.

Инаку, во изминатите четири години власта на директен начин ги субвенционираше граѓаните во борбата против енормната загаденост на воздухот.

Со 50 отсто од цената се субвенционираше вградувањето на ПВЦ и алуминиумски прозорци за да можат домовите да бидат енергетски ефикасни. За таа намена беа издвоени 20 милиони денари од буџетот.

70 отсто или по 500 евра добиваа и граѓаните кои старите дотраени печки ги заменија со печки и котли на пелети – мерка за која беа предвидени 14 милиони евра.

Помош добија и граѓаните кои во своите домови вградија сончеви колектори и тоа до 30% од вкупната инвестиција за што од буџетот беа издвоени околу 50 милиони денари.

Градските власти пред неколку дена најавија дека новата влада ќе ги стимулира граѓаните да користат пелети за загревање на домовите, но не прецизираа на кој начин тоа ќе се спроведува.

Извор: Алфа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top