| четврток, 6 декември 2018 |

Лекарите не сакаат покачување, професорите реагираат, бизнимените демантираат

Mинистерот за финансии Драган Тевдовски денеска упати апел до медиумите, ако не се стручни, да не манипулираат на оваа тема зголемување на акцизата за дизелот. Ова испровоцира многумина, а еден од оние кои на социјалните мрежи го искажа својот став за ваквата изјава на министерот е и Ивор Мицковски, некогаш активен во СДСМ, денеска голем критичар на случувањата во државата.

-Не знам дали медиумите се доволно стручни да пренесат став од тие што буџетот ги тангира или игнорира, но еве само ќе кажам:
Лекарите се шокирани и не сакаат покачување од 5 проценти.
Универзитетските професори реагираат против 5% покачување.
Бизнисмените ве демантираат дека немало да има поскапувања.
Земјоделците од државата се загрижени.
Али фати си се за медиумите, можда ни треба повеќе љубов?! – напиша Мицковски на својот фејсбук профил.

Тој смета дека постои еден културен и политички дефицит кај новата власт, кој се почесто се манифестира низ нетолеранција на критика, низ чудење како е можно да им се противречи, дури и низ доза на навреденост кај поединци, како не се доволно обожувани, сакани, воспевани, па само продолжуваат во билдање на таа трула и глупа инвестиција, позната како култ на личноста.

-И како што гледам, поприлично е заразна болеста, се појавува дури и кај луѓе што сме ги сметале за неискомплексирани и со критичка свест. Освестете се порано и побрзо, зошто како што малкумина тука предупредуваа, ве голта системот и менталната матрица која во дел ја наследувате, а во голем дел и ја инкарнирате – пишува Мицковски.

Понатаму додава:

-И се чудите како овој народ демек немал трпение. Па како да има трпение кога му сервирате веќе виден, ладен оброк, кој до толку скоро секојдневно го сркаше. Сакате да ве цениме за резултатите кои не дошле, кои не ни можат да дојдат брзо, или чисто ради квазиреволуционерните заслуги. Односот и манирите ко за почеток не ви чинат, а почнува да смрди и од аспект на услугата која ни ја ветувавте. Не повлекувате еден храбар и брз чекор, не презентирате еден среднорочен или долг проект, и сакате да бидете сакани, да се автоцензурираме, да бидеме покорни и тивки.

Тој и посочува на Владата дека не е при свест ако така си го замислуваат народот кој гичастеше власт.

-Овој народ има завршено постдипломски на откривање булшит, и да не беше до системскиот клиентелизам, веќе и некој протест ќе ви се случеше, како што заслужувате за пасивноста околу загадувањето. Да ве потсетам, со вашиот културен и политички дефицит, го враќате минатото, а со тоа ќе ги наследите и конфликтите од минатото – додава Мицковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top