| четврток, 6 декември 2018 |

Чаирчани во жестока борба за своето зеленило

cair

Чаирчани бараат објава на документацијата за ДУП-от, кој предвидува повеќекатници врз парковите покрај „Кемал Сејфула“, „Ресенска“ и „Струмичка“.

Со пароли и извици на македонски и на албански јазик „Не градете ни паркови“, „Сакам паркови, игралишта, чист амбиент“, „Овде живеат луѓе, а не животни“, „Мислете на иднината – на децата!“ околу двесте граѓани на Чаир вчера се собраа во паркот спроти поликлиниката да дадат поддршка и да ги одбранат зелените појаси во својата општина. Со протестот, здружените граѓани ја бараа правдата против уништувањето на парковите покрај улиците „Кемал Сејфула“, „Ресенска“ и „Струмичка“, каде што Општина Чаир со промена на Деталниот урбанистички план од 2006 година предвидува десетина повеќекатници.

„Бараме итно да се донесе одлука за мораториум на сите градежни активности на парковите на целата територија на општината Чаир. Да се објави и да биде достапен за јавноста ДУП-от и целата документација за неговото донесување. Бараме да се објави како е водена јавната расправа, како биле вклучени граѓаните, како е заштитен принципот за заштита на животната средина, кои експерти биле вклучени во планот и од кои принципи и стандарди се воделе“, соопшти на протестот Бујар Идризи од иницијативниот одбор за заштита на зеленилото. Тој смета дека ДУП-от се води низ нетранспарентен процес, па побара да се објави и кои парцели се продадени и по која цена.

Околу 600 станари од седум згради веќе се потпишаа на оваа иницијатива, а нивните барања отидоа на адреса на Општина Чаир, Градот и министерствата за животна средина и за транспорт и врски. Еден ден откако беа собрани потписите, Бујар Идризи се пожали дека четири лица му ја скршиле канцеларијата на улица „Џон Кенеди“. Бидејќи ништо не беше земено освен видеобим, претставникот на иницијативниот одбор се сомнева дела целата работа е поврзана со протестните барања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top