| четврток, 6 декември 2018 |

Објавени добитниците на наградата „13 Ноември“ за 2017

Одборот за доделување на наградата „13 ноември“ на Град Скопје по спроведеното тајно гласање денеска ги соопшти добитниците за 2017 година.

Во областа на науката добитници се Горан Кондов, специјалист-хирург по градна хирургија и пензионираниот професор од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје Хаки Имери.

Во областа на образованието и воспитанието награден е одделенскиот наставник во ОУ „Блаже Конески“ во Скопје Јадранка Клисарова, а од областа на културата и публицистиката наградени се романсиерот, поет и издавач Димитар Башевски и Пунторие Муча – Зиба, поетеса и романсиер.

Во областа на уметноста годинава наградени се обоистот Васил Атанасов и ликовниот уметник Стефан Хаџи – Николов.

Од областа на здравствената заштита и хуманитарна активност добитници се кардиоваскуларниот хирург Жан Митрев и наставникот по физичко и здравствено образование во ОУ „Рајко Жинзифов“ – Чаир, Раде Илиевски.

Од областа на спортот наградени се фудбалскиот работник Чедомир Јаневски и кајакарот Атанас Николовски.

Наградата „13 Ноември“ се доделува на физички и правни лица како знак на признание на Град Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитание и образование…

Наградата може да им се додели на физички и правни лица и од други држави кои оствариле посебен придонес за Град Скопје. Наградите на добитниците ќе им ги врачи градоначалникот Петре Шилегов на Денот на ослободувањето на Скопје – 13 Ноември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top