| четврток, 6 декември 2018 |

Живот запре за карпошани: Богоев отпушти 42 вработени во Општина Карпош

Новиот градоначалник на општина Карпош, Стефан Богоев, преку смс им соопштил на вработени во општината дека и за нив „дошол животот“.

На 31 октомври по завршувањето на работното време 42 општинари добиле смс од Агенцијата за посредување дека нивниот работен однос е прекинат. Лицата со средно и со високо образование, вработени во различни сектори во општината, обвинуваат дека се работи за партиски реваншизам и прашуваат по кои критериуми биле токму тие селектирани да им заврши работниот однос.

Меѓу нив сe лица пред пензија, родители на малолетни деца, лица чија плата од општината била единствен извор на егзистенција. Револтирани се што новиот градоначалник не ги повикал да им образложи зошто останале без работа.

Градоначалникот Стефан Богоев ги демантира изјавите на отпуштените работници. Тој тврди дека се работи зa луѓе кои не биле редовни на работа. Според Богоев општината е пренатрупана и во неа има повеќе вработени од било која друга скопска општина.

Во општината Карпош 90 лица работат на одржување на хигиената, а останатите се во администрација. Меѓу нив има уште кои се ангажирани преку агенција. Богоев вели општината се соочува со лоша финансиска ситуација, но и покрај тоа многу е рано да каже што ќе биде со останатите вработени, бидејќи поминала само една недела откако е на функцијата градоначалник.

Дополнително ќе ја разгледува ситуацијата и ќе донесе заклучоци дали и колку вработени и се потребни на општината и што ќе се прави со останатите. Ова засега е единствен слуачај по завршување на локалните избори речиси 50 лица да останат без работа во локална самоуправа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top