| четврток, 6 декември 2018 |

Директорот на „Фени“ не избегал, си отишол од Македонија поради здравствени проблеми

По двомесечен апсолутен молк, генералниот извршен директор на „Фени” Јусуф Миракхмедов се огласи во јавноста преку соопштение во кое ги демантира сите тврдења против него.
Завчера Миракхмедов и раководството на фабриката од малцинскиот партнер БСГР добија кривични пријави за злосторничко здружување, злоупотреба на службената должност и овластување, измама, оштетување или привилегирање на доверители, како и други бројни дејствија со кои е нанесена штета на БСГР и на други засегнати страни, а вчера Миракхмедов доби кривична пријава и од Управата за финансиска полиција поради незаконска продажба на залихи на фабриката кои биле заложени кај банките, пренесува Макфакс.

„Овие наводи се целосно неосновани и јас сум спремен тоа да го докажам на надлежните органи. БСГР и банките имаат извршено акт врз мене и ова е нешто што надлежните органи треба да го истражуваат. Јас и останатите жртви на клевета нема да се откажеме без да настапи последица за БСГР и банките”, стои во официјалниот одговор од Миракхмедов за кривичните пријави кој до медиумите го испрати адвокатското друштво Давидовиќ и Јанковиќ, застапници на Миракхмедов.
Адвокатското друштво пак „Давидовиќ и Јанковиќ” соопшти дека Миракхмедов не избегал туку ја напуштил Македонија поради здравствени проблеми, а се наоѓа на позната адреса, како што нагласуваат, и е спремен во било кое време да се појави пред било кој државен орган на доставена покана, онака како што законот тоа го предвидува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top