| четврток, 6 декември 2018 |

Касата на општина Аеродром полна: Што ќе реализира Марин со три и пол милиони евра?

 

Советничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе дејствува како конструктивна опозиција во Советот и ќе дава поддршка на сите позитивни проекти што ќе ги реализира општинската администрација, а кои ќе бидат од значење за жителите на општина Аеродром, но ќе ги критикува и ќе им се спротивстави на сите проекти кои нема да бидат од интерес на жителите на општина Аеродром.

Новиот градоначалник на Аеродром ја презема општината со буџет од 3,5 милиони евра, без ниту еден денар долг и без ниту еден кредит, но и со огромен број на реализирани проекти.

„Се надеваме дека новиот градоначалник во интерес на жителите на општина Аеродром ќе продолжи да ги реализира веќе отпочнатите проекти од претходниот градоначалник, како што се изградба на нова детска градинка во Ново Лисиче и проширување на улицата „Коста Новаковиќ“, за што веќе се обезбедени средства во буџетот на општината и се склучени договори за изградба“, стои во соопштението од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во општина Аeродром, ипратено до медиумите.

Аеродром ќе прерасне во тениски центар

Советниците, пишува во соопштението, имаат сознанија дека градоначалникот и советничката група предводена од СДСМ за денешната седница на Советот планираат да стават и дополнителна точка на дневниот ред, а тоа е одлука за раскинување на договорот за јавно приватно партнерство со приватен инвеститор за изградба на нов современ спортски комплекс во близина на спортската сала „Јане Сандански“, поточно за изградба на тениски стадион и комплетна потребна инфраструктура, со што Аеродром ќе беше меѓу првите општини во регионот, а секако прва општина во Македонија која ќе имаше тениски терени согласно стандардите за одржување на ATP тениски турнири, но и место за спорт и рекреација на жителите на општина Аеродром, како и можност за околу 100 нови вработувања.

„Дали станува збор за бизнис-интереси или нешто друго ќе видиме наскоро, меѓутоа ако првиот проект на новиот градоначалник е прекинување на нешто што веќе е сработено и е обезбедена инвестиција од повеќе од 10 милиони евра од приватен партнер, за што е вложен огромен труд, не можеме да бидеме големи оптимисти за идниот развој на општина Аеродром, особено не со интензитет како досега, кога општината беше предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, прашуваат советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top