| четврток, 6 декември 2018 |

Седум доживотни и 27 долгогодишни затворски казни за „Диво насеље“

Седум доживотни казни затвор, 13 по 40 години, шест по 20 години, една од 18 години, две од 14, две од 13, две по 12 години затвор и четири ослободителни пресуди, им одреди денеска Кривичниот суд на обвинетите за настаните во кумановската Дива населба во мај 2015 година во кои загинаа осуммина припадници на македонските безбедносни сили.

Денешното рочиште во Судот помина во тензична атмосфера. Пред да бидат прочитани пресудите, обвинетите станаа од своите места и почнаа да ја пеат албанска химна, да викаат УЧК, УЧК, да упатуваат закани дека крвтта на убиените нема да остане неказнета, дека во Македонија ќе нема мир,…

Судијката потоа ги острани од судницата повеќето обвинети кои правеа неред, по што беа прочитани пресудите.

Пресудата за овој случај требаше да биде донесена на 17 октомври, но беше одложена поради локалните избори на барање на МВР.

Обвинителството побара доживотен затвор за сите 37 обвинети за тероризам и терористичка организација. Адвокатите на обвинетите, пак, бараат ослободителни пресуди, бидејќи според нив има недостаток на докази за стореното кривично дело.

На 9 и на 10 мај 2015 година, во кумановската Дива населба вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и од посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top