
Главниот продуцент на играната серија „Македонија“,Винко Грубишиќ, преку соопштение реагира на последните информации објавени во јавноста за проектот.
– Јасно е видливо дека некој од свои причини на сосема некоректен начин погрешно ја информирал Владата на РМ – пишува Грубишиќ во писмото.
Оваа негова реакција доаѓа откако владиниот портпарол денеска изјави дека Агенцијата за филм на Македонија направила контрола во врска со доделувањето средства за снимање на серијата „Македонија“, при што биле утврдени пропусти.
– Средствата биле доделени на продукцијата „Јадран филм“ и требало да се направи проект играна серија „Македонија“, но во согласност со утврдениот термин, 4 септември 2017, првиот дел од серијалот ниту бил снимен, ниту бил испорачан, а парите во износ од 1,2 милиони евра се префрлени, рече Бошњаковски.
Бошњаковски истакна дека вчера на владината седница е донесена одлука дека остатокот од парите, 4,6 милиони евра, нема воопшто да бидат префлени, а ќе се бара одговорност и за овие пари кои веќе се префрлени, бидејќи сервисот не бил доставен.
Грубишиќ во своето писмо реагира дека констатацијата дека серијата не е снимана е сосема неточна.
– Тоа е потполна невистина за што јавноста ќе ја увериме во спротивното. Заради оваа објавена невистина, ние многу порано од тоа што планиравме на интернет ќе објавиме делови од снимениот материјал се со цел да ја докажеме вистината и да покажеме дека некој неточно ја информирал Владата. Сметаме дека после тоа имаме полно право да очекуваме дека тие кои свесно и намерно ја измамиле Владата, треба да одговараат за предизвиканата штета – пишува Грубишиќ.
Според него, невистина е и дека средствата се потрошени ненаменски.
– Сите потрошени средства кои се доделени од страна на Агенцијата за филм се наменски и не постои никаков доказ кој говори спротивно на ова! Истовремено информираме дека целосниот финансиски извештај јасно покажува дека доделените средства се трошени согласно одредбите од Договорот и Законот за филмска дејност – строго наменски за потребите на предпродукција и продукција на првата сезона од серијата. Јавно ќе објавиме КАДЕ и КАКО е потрошен секој денар. Во серијата исто така сме вложиле и вложуваме сопствени средства – пишува Грубишиќ.
Тој во писмото бара пред членовите на Владата да ги презентира сите документи и целиот проект, вклучувајќи ги и доказите кои според него „ јасно потврдуваат кој и зошто ја измамил Владата и целата македонска јавност“.
На крајот од писмото, тој е категоричен и вели дека серијата се снима и сепак ќе биде завршена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


