| четврток, 6 декември 2018 |

Mumm Cordon Rouge – приказната за кралскиот шампањ

Во 1966 година Џо Сиферт несакајќи ја креира традицијата на прскање и полевање со шампањ. Додека му ја давале наградата за победата во една од категориите на Ле Ман 24, тапата од шишето излетала, а тој сакајќи да ја разведри атмосферата почнал да ги прска гледачите со шампањ

Mumm Cordon RougeПриказната за создавање на кралскиот шампањ започнува во далечната 1827 година, кога тројца браќа Германци ја основале Mumm во местот Ремс, во француската област Шампањ-Арден. Тогаш, под слоганот Only the best, светот го виде првото шише од визбата на Mumm. Иако оваа винарија почнала со низа проблеми, поради фактот што сопствениците немале француско државјанство, два века се карактеризира со иновативност во производството на овој пијалак. Палетата производи на Mumm, според виснките познавачи, се издвојува по тоа што користи вина со најголем квалитет. По ферментацијата во шише, вината созреваат во подруми многу подолго отколку што бараат законите – три години наместо 12 месеци за non-vintage шампањ. Денес во огромната визба на Mumm се чуваат повеќе од 25 милиони шишиња, производство од многу берби кои зреат.

Педесетина години подоцна, или поточно во 1875 година на пазарот излезе познатиот Mumm Cordon Rouge, кој станува симбол за шампањ ширум светот. Причина за неговата популарност е што се прави само од најдобрите, ретки состојки од престижната винарија. Набрзо по неговото лансирање кај светската елита станува познат како Шампањ на кралевите. Традиционалниот рецепт е непроменет и ден денес, што и понатаму го прави ова пенливо вино омилено кај најголемите обожаватели на овој пијалак. Во втората половина на деветнаесеттиот век во чест на француската Легија на честа секое шише Cordon Rouge се украсува со црвена лента.

Cordon Rouge е карактеристичен шампањ што претставува комплексен спој од најдобрите видови грозје и берби на Mumm. Засилен со додавање резервни вина, Cordon Rouge ги открива сите суптилности на познатиот регион Шампањ. Повеќе од 40 различни места и села во овој дел даваат грозје за Cordon Rouge. Лозјата на самата компанија Mumm се надополнети со грозје од престижните лозја што резултира со необично високо ниво на grand cru грозје – до 25 отсто.

Cordon Rouge има преубава златножолта боја. Букето е овошно, суптилно, креместо и префинето. На непцето Cordon Rouge се одликува со деликатна хармонија, мекост, комплексност и елеганција. Секој cuvée e подготвен за пиење и ако е правилно чуван, ќе ги задржи своите карактеристики најмалки две години.

Mumm Cordon Rougef1

Пијалакот на најбрзите возачи

Препознатливата прослава со полевање шампањ по победата на некоја од Формула 1 трките има долга традиција. За некој тоа е кич и малограѓанштина, за други пак традиција која мора да остане. Како започнаа возачите со шампањ туш?  Има една интересна приказна која вели дека традицијата да му се подари шише шампањ на победникот на Формула 1 трката датира од 50-те години на минатиот век, кратко по почетокот на овој спортски спектакл или поточно на на 13 мај 1950 година. Првата Гранд при трка се оддржа на асфалтот во Силверстон во Англија, со должина на патеката иста како и денес – нешто повеќе од 300 километри. Традицијата на прославување со шише шампањ почнува истата година на трката Reims-Gueux во регионот Шампањ во Франција.  Не е тешко да се сфати зошто се случило ова – производителите на шампањ се мајстори за маркетинг, нешто што може да се види во филмовите за Бонд, каде што течат реки Bollinger, а мораат да бидат мајстори зашто годишно треба да продадат околу 300 милиони литри шампањ секоја година. Тие одлучиле секоја година да даваат шише шампањ на победникот на трката во Франција. Но 16 години победниците го пиеле шампањот по завршувањето на церемонијата за прогласување. Но во 1966 година прославата на подиумот ја доби формата која денес ни е позната. Џо Сиферт несакајќи ја креира традицијата на прскање и полевање со шампање. Додека му ја давале наградата за победата во една од категориите на Ле Ман 24  тапата од шишето излетала. Можела да се случи голема несреќа бидејќи тапите летаат со голема брзина. Притисокот во шишето е еднаков на притисок на гума на двокатен автобус, така што тапата претставува смртоносен проектил. Но за среќа се поминало без никаков инцидент. За да ја разведри атмосферата, Џо Сиферт почнал да ги прска гледачите со шампањ. Следната година истото го направил и неговиот наследник, Ден Гарни, но овој пат намерно, а не поради дефектна тапа. И така прскањето со шампањ станува дел од победничкиот ритуал на Ф1 трките.
Од 2000 година возачите на болидите прославуваат со пијалак од производителот на таканаречениот кралски Шампањ. Тогаш е склучен договор Mumm да биде официјален снабдувач на Формула 1 со шампањ. Тогаш е претставен новиот производ, т.е. трилитарското шише Jeroboam, кое е спакувано во посебна кутија од јаглеродни влакна и може да се купи само во ексклузивни продавници за алкохолни пијалаци. Пуристите инсистираат на тоа дека самиот гест на истурање на шампањот претставува чин на расипништво. „Шампањот“, велат Французите, „треба да се пие во моменти на победа, зашто заслужувате, и во моменти на тага, зашто ви треба.“ Но не и да се истура и да се прска со него. Сепак големата компанија продолжува со својата маркетинг игра во Формула 1.

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top