Триесет и девет нови стипендии традиционално и годинава доделува Фондацијата „Трајче Мукаетов“ од кои 18 за студенти на Фармацевтскиот факултетот и 21 за студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје за учебната 2017/2018 година.
Стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци.
Претседателот на Фондацијата и генерален директор на „Алкалоид АД“ Скопје, Живко Мукаетов денеска на прес-конференција рече дека заклучно со овие стипендии досега Фондацијата има стипендирано 418 студенти од кои 159 ги завршиле студиите по фармација, а 129 ги завршиле студиите по медицина. Посочи дека заклучно со денеска 63 од дипломираните студенти веќе работат во компанијата „Алкалоид.
– Тоа за мене претставува една посебна гордост, затоа што тоа е еден континуитет од помагање на нивното студирање, па до денешен нивен придонес во работењето на компанијата. За мене е многу важно што ние потврдуваме дека сме компанија која е општествено одговорна, се грижи за развојот на општеството, се труди да биде една додадена вредност и да помогне секаде онаму каде што може- додаде Мукаетов.
Нагласи дека годинава првенци на генерација кои ќе добијат еднократна парична награда од 1.200 евра во денарска противвредност се Александра Зафировска и Душко Шалабалија од Фармацевтскиот факултет со просек 9,75, и Невенка Ридова од Медицинскиот факултет со просек 9,76.
Ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје, Никола Јанкуловски истакна дека наградувањето секогаш претставува еден важен стимул за оние кои го добиваат и има влијание врз квалитетот на едукацијата, која претставува многу важен чекор во образованието на студентите.
– Оваа програма за доделување стипендии на Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет е една значајна хумана мисија која многу придонесува за развојот на здравствениот систем во Република Македонија. Секогаш добро едуцираните и стручни кадри од областа на медицината и фармацијата претставуваат една непроценлива вредност и значење за развојот на здравствениот систем- додаде Јанкуловски.
Додаде дека денешниот настан претставува еден голем придонес во развојот на здравствениот систем, бидејќи младите таленти имаат голема улога во неговото зачувување, унапредување и иднина.
Деканот на Фармацевтскиот факултет, Светлана Кулеванова рече дека годинава на Фармацевтскиот факултет 22 студенти поднеле документи од кои четворица не исполниле услови по конкурсот, а 18 ги исполниле. Посочи дека од нив 13 се студенти кои редовно запишале трета година и пет кои редовно запишале четврта година.
Деканот на Медицинскиот факултет, Соња Топузовска рече дека годинава нивната Комисија за распределба на стипендии селектирала 13 студенти од трета година и осум студенти од четврта година.
– Убедена сум дека стипендиите се во вистинските раце, дека тие ќе претставуваат дополнителен мотив за овие студенти да постигнуваат уште поголеми резултати, а се надевам дека дел од стипендистите на оваа Фондација ќе имаа можност да ја започнат својата професионална кариера токму во „Алкалоид“ и да го дадат својот придонес- рече Топузовска.
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е основана со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид АД“ Скопје. Фондацијата, чиј основач е самата компанија, има за цел стипендирање, донирање и финансирање на талентирани доктори и фармацевти, како и финансиска поддршка на проекти од овие две области
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Алкалоид преку хуманитарен пикник донираше над милион и 50 илјади денари за Здружението „Животот со предизвици“
-
„Алкалоид“ со раст на консолидираниот извоз, нето добивка, инвестиции и 105 нови вработувања
-
„Алкалоид“ со позитивни финансиски резултати во 2017 година
-
„Алкалоид АД“ годинава со 9 отсто поголема добивка од лани и 92 нови вработувања за девет месеци