Се уште не седнат во фотелја, новоизбраниот градоначалник на Шутка почна да „остварува“ неверојатни проекти. Заедно со своите сопартијци на еден ден пред избори тој поставил сообраќајни знаци на скопската обиколница кои покажуваат излез кон општината Шуто Оризари.
Курто Дудуш од СДСМ се пофали и на фејсбук за овој монументален проект, за кој вели дека чинел неверојатни 100 евра а досегашниот градоначалник Елвис Бајрам за 9 години не успеал да ги обезбеди.
–После 9 години Шутка доби патоказни табли во обиколница. – вели Дудуш.
Новиот градоначалник на единствената ромска општина во Република Македонија, на фејсбук преку фотографии транспарентно го објави целиот процес на реализација на проектот. Од идејно решение до конечна теренска реализација.
На крајот, заедно со своите сопартици се сликаа пред двете табли кои ги поставиле. За макотрпната работа Дудуш на фејсбук доби поддршка од пратеникот на СДСМ Мухамед Зекири, кои важи за негов огромен поддржувач.
Инаку, според законите во Македонија, за поставување на сообраќајни општините мора да добијат одобренија од МВР а нив може да ги поставуваат само државни институции овластени за тоа. Кога приватни лица поставуваат сообраќајни знаци, тоа според законот е кривично дело.
Од МВР велат дека немаат пријава и дека не знаат дека се поставени нови знаци на скопската обиколница.
Дудуш, иако се уште нема добиено мандат за градоначалник на општината и не е извршено примопредавање на функцијата – денеска упаднал во општинската зграда и почнал да држи состаници со вработените, јавуваат извори од општина Шуто Оризари.
Кандидатот на СДСМ за Шута, во вториот круг на локалните избори победи со 1603 гласови разлика пред кандидатот на Сојузот на ромите на Македонија, Елвис Бајрам.
И покрај победата, законската регулатива вели дека победникот на изборите станува градоначалник откако ќе помине рокот за поднесување на приговори до ДИК и откако ќе биде извршено официјално примопредавање на функцијата од претходниот градоначалник. Доколку има приговори, треба да се почека тие да бидат разгледани од ДИК, па дури после тоа градоначалникот стапува на функција. Доколку тие се усвојат, можно е и да има прегласување во спорните избирачки места каде што се поништуваат изборите.
И покрај тоа што никоја од овие постапки не е помината, денеска Дудуш си упаднал во општината и се прогласил за градоначалник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.