Шпанија се соочува со најголемата политичка криза во изминатите 40 години, откако во петокот каталонскиот парламент изгласа отцепување на покраината и формирање суверена република Каталонија. Набргу потоа, од Мадрид стигна експресен одговор – шпанскиот премиер Маријано Рахој ја укина каталонската автономија и управувањето со овој регион ѝ го препушти на својата заменичка, Сораја Сантос де Сантамарија. Европските медиуми оценуваат дека се можни неколку сценарија за развој на шпанската криза: од целосно губење на каталонската независност, можна воена интервенција на Мадрид, па до најверојатното – нови регионални избори во Каталонија.
Тензиите повторно се на опасно високо ниво, а, според „Гардијан“, прашање е колку се реални шансите да оствари целосна независност. На богатата шпанска покраина ѝ се заканува да ја загуби и онаа автономија што досега ја имаше. Шпанската влада во саботата веќе донесе одлука делумно да го примени членот 155 од Уставот на земјата и да ја распушти регионалната влада до наредните избори, за кои се шпекулира дека би се одржале во декември. Иако премиерот Рахој нагласи дека Мадрид со тој чекор не ја укинува автономијата на Каталонија, сѐ дополнително се заостри откако каталонските политичари одлучија сепак да изгласаат независност, по што следуваше брз и решителен одговор на Мадрид. Независноста е укината, каталонскиот лидер Карлос Пучдемон е сменет, а на негово место Рахој ја постави шпанската вицепремиерка Сантос де Сантамарија.
Централната влада ќе се обиде во наредните денови да ја запре Каталонија на секој начин, а на Мадрид би можело тоа да му послужи и како пример за другите, бидејќи уште неколку други региони, како Баскија на пример, би можеле да дојдат на идеја да побараат поголем степен на независност. Сепак, иако независноста во моментот е укината, доколку Шпанија воспостави контрола во Каталонија, а на новите избори победат струите лојални на Мадрид, можно е одредени овластувања да им бидат вратени, можеби и на статус пред референдумот.
По првите судир на улиците во Барселона, веднаш по одржувањето на референдумот, на Пиринејскиот Полуостров се појавија стравувања за можноста Шпанија да се обиде со војската да ја смири ситуацијата и да воведе власт. За тоа особено се зборуваше по изјавата на премиерот Рахој дека Шпанија ќе ги употреби сите мерки за да ја заштити унитарноста на земјата. Повеќе експерти укажуваат на фактот дека Шпанија има модерна војска, додека, пак, Каталонија нема ништо со што би можела да ѝ се спротивстави. Покрај тоа, таков вид интервенција најверојатно бргу ќе го скрши отпорот на каталонските сепаратисти. Сепак, таквата одлука би предизвикала незадоволство во светската јавност, додека, пак, претставниците на ЕУ го повикаа Мадрид да не дозволи судири на улиците.
Со прогласувањето на независноста, регионалната влада почна процес кон целосно одвојување од Шпанија. На таквиот пат сигурно ќе наиде на голем број пречки, а најверојатно нема да успее сите да ги прескокне. Ваквото сценарио, за целосна независност на Каталонија, има мали шанси да се оствари. Каталонските политичари повеќе недели ги повикуваа колегите од Европа да ги поддржат на тој пат, но наидоа на затворена врата. Покрај тоа, повеќето европски лидери изјавија дека не го поддржуваат отцепувањето на регионот, а претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, изјави дека ЕУ ќе соработува само со владата во Мадрид. Шанси сепак постојат, ако се земе предвид дека одредени кругови би можеле поради лични интереси да поддржат создавање на нова држава во Европа. Финска меѓу првите сигнализира дека би можела да го стори тоа.
Сепак, опцијата за која најмногу се зборува како најверојатна е дека Мадрид ќе воспостави контрола над регионот, а за таа задача централната влада подготвува голем број полицајци. Во корист ѝ оди и поддршката што ја добива од Европа, но и фактот дека поголемиот дел Каталонци всушност не ни гласаа на референдумот за независноста. Исто така, опозицијата во каталонскиот парламент, која е против независноста, не е мала. На тоа укажува фактот дека од 135 пратеници во парламентот, за отцепувањето во петокот гласаа само 70, додека поголемиот дел од опозицијата ја напушти салата.
Уште пред една седмица, Мадрид беше во преговори со опозициските социјалисти, со кои се договори новите регионални избори да се одржат во наредните шест месеци, а 21 декември се спомнува како најверојатен датум. Дотогаш, Мадрид најверојатно ќе работи на отстранување на сепаратистите од функциите во регионот, што веќе го почна со смената на шефот на полицијата.
(Н.Македонија)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст