| четврток, 6 декември 2018 |

Романот „Зад аголот“ објавен во Србија

 На тековниот 62. Меѓународен белградски Саем на книгата, на штандот од  белградското книгоиздателство “Албатрос плус“ само што се појави српскиот превод на романот „Зад аголот“ на Томислав Османли.  Романот од македонски го преведе Зоран Ж. Пауновиќ, повеќекратен соработник на нашиот автор. Ова е, инаку, втора меѓународна објава на исклучително забележаниот македонски роман. Пред неколку месеци романот „Зад аголот“, во издание на истанбулското книгоиздателство „Библион“ беше објавен и во Турција, во превод на Мехмед Јонуз.   

                Новата, српска објава на романот е проследена со аналитичкиот осврт на акад. Ферид Мухиќ  насловен „Ултимна романескна синтеза“, текст којшто своевремено беше објавен суперорен критичарски одглас во прилогот „Лик“ на „Нова Македонија“. Во него, истакнатиот автор и критичар меѓу другото пишува: „ Во романот Зад аголот, сите применети постапки суверено се оркестрирани со цел да го форсираат еден радикално нов пристап кон овој книжевен род. Доколку би барале паралела со  слична бескомпромисност во реализацијата на сопствената поетика, би можеле да ги посочиме Милан Кундера, Роберт Музил, и особено, Херман Брох. Имено, со овој роман, Томислав Османли реализира дело кое е најблиску до еден вид ‘полиисториски роман’, да го употребиме изразот на Херман Брох.“

           

„Зад аголот“ за прв пат е објавен во декември 2012 година во издание на „Магор“ од Скопје. Со деветте книжевни текови што ги следи и преплетува, со патувањето низ времето и низ светските пространства, и со педесет и петте ликови кои авторот во него сугестивно ги анимира, тој носи оригинална и сложена романскна структура со која го сврте вниманието и на домашната книжевна критика и теорија. За романот на Османли, свој вонредно аналитичен текстнасловен „Отстрел зад секој агол“ во списанието „Стремеж“ одбјави Д-р Васил Тоциновски, додека турското издание на нашиот роман беше проследено со поговорот на Д-р Александра Прокопиев објавен под наслов „Современ роман со супериорна структура“.

Свои настапи посветени на ова прозно дело на домашниот романописец, на меѓународни книжевно-теоретски трибини претставија и  Проф. Д-р Владимир Мартиновски во Сараево и Проф. Д-р Весна Мојсова-Чепишевска во Софија која во своето научно соопштение нагласува: “ ‘Зад аголот’ е роман за бројните човечки души во севозможни временски и просторни преселби кои, патувајќи без ред и поредок, стануваат учесници во незавршената трагикомична драма од ‘последниот чин’ на минатиот век. “

По меѓународниот успех на наградениот роман „Дваесет и првиот“ второт романескно дело на Томислав Османли сега го пробива својот пат и на тој простор. Со оглед дека спомнатиот роман за своја фокусна точка ја има првата година на новиот век и милениум, а „Зад аголот“ последнат година од претходното столетие, двата романа, и со оглед на стилот и на раскажувачкиот пристап, имаат последоватлена поврзаност. Така, романот „Зад аголот“ , на извесен начин, се доживува и како прв дел од “Дваесет и првиот”, претходната прозна книга на истиот автор. Оттука, забележува Османли во својот текст кон српското издание, негов втор наслов може да биде и – на крајот од Дваесеттиот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top