| четврток, 6 декември 2018 |

Шилегов ја презеде градоначалничката функција, Трајановски му посака успех

Петре Шилегов, новиот градоначалник на Град Скопје, денеска ја презеде градоначалничката функција од Коце Трајановски кој раководеше со главниот град во изминатите осум години.

– По долги години успеавме Скопје да го вратиме на граѓаните. Скопје повторно ќе биде град на хуманоста и град на солидарноста. Македонија конечно доби главен град којшто ќе ги поврзува граѓаните и ќе работи за нив. Новата градска администрација што ќе ја предводам, ќе го продолжи принципот на одговорност, инклузивност и отчетност што го воспостави Владата предводена од СДСМ. Ќе работиме во интерес на сите граѓани без разлика на нивното место на живеење, нивната етничка или партиска припадност, истакна Шилегов, додавајќи дека сите одлуки ќе се носат заедно со граѓаните, граѓанските здруженија и стручната јавност.

Како приоритетно прашање на кое ќе работи Шилегов го посочи намалувањето на загадувањето за што најави интензивно зазеленување на градот, гасификација и изградба на секундарен сообраќаен северен прстен којшто ќе овозможи развој на современите видови јавен превоз.

Тој најави и дека изградбата на Панорамското тркало засега е стопирана, а за останатите проекти започнати од неговиот претходник најави дека ќе се направи соодветна проценка за нивно стопирање или продолжување со цел да не му се наштетни ниту на Градот, ниту на граѓаните.

Досегашниот градоначалник Трајановски посочи дека во изминатите осум години се реализирани низа проекти, консолидирани и финансиски стабилни се јавните претприатија, а во касата на Градот остануваат 834 милиони денари. Му посака на новиот градоначалник успешна реализација на сите проекти од изборната програма и искористување на постоечките капацитети на државните службеници кои работат во Град Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top