| четврток, 6 декември 2018 |

Што знаете за таинствената куќа во Градски парк?

Постои една необична и таинствена куќа во Градскиот парк за која малку се знае кога е настаната, што претставувала некогаш и зошто токму на тоа место е градена. Можеби, многупати сте поминале покрај неа, но не сте ја забележале, бидејќи одамна е вклопена во амбиентот на бараките на Град Скопје и станала составен, нераскинлив дел од тој простор, пишува скопскиот хроничар Данило Коцевски.

Сепак, ако малку подзастанете и внимателно ја погледнете, ќе забележите дека таа е специфична по својата архитектура, со што се изделува не само од тој дел на градот туку и од постарите зачувани објекти кои денес постојат во Скопје. Очигледно дека станува збор за постара градба, но нејзините тајна, историја и намена најдобро ги знаат повозрасните жители кои израснале во близина на Зоолошката градина и на паркот. Објектот се наоѓа на само неколку метри од главниот влез во Градското собрание и канцелариите кои се во непосредна близина. Амбиентот околу неа е сосема поинаков од денешниот, а таа во зеленилото изгледа како куќа од бајките. Очигледно е дека станува збор за своевиден споменик на културата кој треба да се зачува.

Приказната за овој необичен објект започнува во 20-тите години на минатиот век. Во тоа време се презела голема обнова на скопскиот парк, се отворале нови површини, се саделе необични и нови видови дрвја и цвеќиња. За обновата се посочува 1923 година, и таа траела наредните неколку години. Во еден скопски документ, кој е датиран од периодот 1923-1928, се истакнуваат зафатите во Градскиот парк, а куќата за која зборуваме, најверојатно, е изградена помеѓу 1923 и 1926 година. Тоа го потврдуваат и еден тип стилски куќи кои, за среќа, се зачувани до денес и потсетуваат на градбата во паркот. Станува збор за ниските објекти од Железничката колонија наспроти Универзална сала, кои се градени во истиот временски период. За што служел овој објект изграден од пред речиси 100 години? Тоа не било обична куќа, туку вила наменета за управителот на скопскиот парк, еден вид негова резиденција изградена во швајцарски стил! Тој швајцарски стил одлично се вклопил во амбиентот. За таа куќа, во посочениот документ се вели:

“На една страна од новиот парк, изградено е убаво и удобно живеалиште за управителот на парковите – вила во швајцарски стил, а покрај неа и стаклена бавча од 200 м2, во која се произведува разновидно цвеќе и се одгледуваат расади за парковите. Постои и друга помала стаклена бавча, како и 6 стаклени леи со 126 прозорци”. Потребата од стаклена бавча и расадник била голема, со оглед на тоа што паркот започнал да се шири.

Во тој период, стариот парк Ислахане се проширил кон Зоолошката градина и кон реката Вардар. Така се оформил новиот парк Идадија.

“Овде сега се гради вештачко езеро и канали”, се вели во записите, “со убави пешачки мостови, кои се во врска со јазот и со Вардар”.

Во тој нов парк било насадено вистинско богатство од дрвја и од цвеќиња. Некои биле носени од странство и одгледувани во стаклената бавча, која се протегала од куќата во која живеел управителот, во правец кон денешниот Природо-научен музеј. Многу дебармаалци, меѓу кои имало стари бавчанџии, биле ангажирани околу расадите или калемењето на растенијата. Некои од алатките што тогаш биле употребувани, и денес се чуваат во домовите како раритети. Еве какво растително богатство било насадено во новиот парк во тие 20-ти години кога била изградена куќата на управителот: големи и мали палми, маргарети, бегонии, фикуси, зумбули и лалиња, 267 високи дрвја од разни видови, како и 500 од пониските стебла. Се саделе јасен, шпанско дрво, кисело и американско дрво (јавор), багреми, црници, диви овошки, високи и ниски ружи, потоа тополи и ниско украсно зеленило. Тоа е само дел од цветниот и воопшто растителен асортиман присутен во новиот скопски парк. Се отворале и киосци за разни потреби на шетачите во паркот, кои масовно го посетувале.

Повозрасните жители кои израснале околу Зоолошката градина и паркот, и денес се сеќаваат на стаклената бавча, на куќата која сe уште е зачувана. Паркот е вистински рај на скопското детство, особено за оние што израснале во негова близина. Како ученици во основно училиште, ги воделе на надгледна настава во расадникот и во бавчата за да се запознаат со процесот на производство и со садењето на цвеќињата и на разновидните растенија. Куќата на управителот во швајцарски стил со текот на времето ја менувала својата намена. Таа претрпела незначителни измени во покривниот дел и фасадата, но зачувани се автентичната естетика и изгледот. Подоцна, во една нејзина просторија живеел чуварот на паркот, непосредно пред војната, но и по неа, во педесеттите години. Тој чувар често пати и денес се споменува, а бил многу омилен меѓу децата и младите скопјани. Носел необично име – Јуда. Чичко Јуда знаел со секого да помуабети и да се фотографира. Скопските студенти од педесеттите години сe уште ги чуваат фотографиите направени со човекот кој е дел од нивната младост, а кој живеел во необичната егзотична куќа во паркот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top